Македонија Kaliopi

14 ноември, 2012

Калиопи му се радува на животот

Македонската дива Калиопи Букле на 21-ви ноември ќе одржи концерт во босанскиот Народен Театар во Зеница, па по тој повод дала интервју за „Дневни аваз“ во кое открива детали за новиот албум, за љубовта и за колегите на естрадата.

Во интервјуто Калиопи најавува и концертна турнеја низ Босна и Херцеговина в’година, по објавување на новиот албум „Мелем“ за кој истоимениот сингл го најавува за декември. Албумот како што посочува во интервјуто Калиопи, треба да излезе на 14 февруари 2013 година, на Денот на вљубените. На албумот ќе се најдат десет нови песни, кои се со авторски потпис на Ромео Грил. Таа коментира дека покрај култната „Бато“ која испеа на 19 години, нејзе ја опишува и актуелната „Волчица“.

„Волчица сум јас. Ромео ме опиша онака како што малкумина може да ме откријат и да ме отсликаат. Во оваа песна може секој да се пронајде, затоа што во неа се е вистина. Песната „Волчица“ многу ме потсетува на „Бато“ во однос на чувствата со кои се создавани и со кои заживеаја овие песни“ – вели Калиопи за новата нумера, дело на поранешниот сопруг Ромео Грил.

Таа посочува дека после два разводи, сепак верува во љубовта и му се радува на животот, а сегашната љубовна состојба ја опишува како исполнета и необврзна. За контактите со синот Калиопи вели дека тој е потврда на таа радост во животот која ја споменува и дека го гледа секој ден бидејќи тој живее во неа.

За денешната музичка сцена и за колегите кои градат слава на скандали нема време, бидејќи како што вели постојат реално вистински и потресни приказни од обичниот свет кои секојдневно се случуваат и навистина заслужуваат внимание.

За вистинска ѕвезда на овие простори таа сепак го посочува Здравко Чолиќ, а покрај соработката со имиња како Масимо, Раде Шербеџија, Един Карамазов, Калиопи жали што не отпеала дует со Тоше, но повеќе жали што го нема меѓу нас.

 



Врати се горе ↑