Македонија опи

29 март, 2016

Калиопи ја почна промотивната евровизиска турнеја

Нашата годинешна претставничка Калиопи ја почна промотивната турнеја за песната „Дона“, со која ќе ја претставува Македонија на „Евровизија 2016“, која ќе се одржи во мај во Стокхолм, Шведска. Првиот настап беше пред неколку дена во Белград, со гостување на националната телевизија РТС, а во тридневниот престој Калиопи имаше и голем број други интервјуа и гостувања за српските радио и телевизиски медиуми.

Промотивната турнеја продолжува со посета на Босна и Херцеговина, Словенија и на Хрватска, по што следниот викенд Калиопи ќе настапи на гала-забава во Москва. Во руската престолнина Калиопи ќе има организирано дружење со фанови, како и прес – конференција за медиуми кои освен, од Русија, за овој настан ќе допатуваат и од Белорусија и од Азербејџан.

На деветти април Калиопи ќе престојува во Амстердам, Холандија каде што ќе учествува на најголемиот промотивен настан „Евровизиски концерт“, организиран по повод Евровизија. Досега дваесет и четири земји го имаат потврдено учеството на овој промотивен концертот, кој ќе се одржи во салата „Мелквек“, а Калиопи ќе настапи пред бројните фанови и евровизиски медиуми и ќе ја претстави „Дона“ во живо.

По Амстердам продолжува за Лондон, на деветтото издание на Лондонската евровизиска забава, која ќе се одржи на 17 април во популарното „Кафе де Парис“. Евровизискиот фан клуб на Велика Британија, по повод гостувањето на Калиопи, испрати специјално соопштение во кое се вели:

„Како еден од најголемите евровизиски фан клубови во светот, сосема е соодветно да реагираме и да ја донесеме најголемата евровизиска ѕвезда на забавата во Лондон. Ние знаеме дека Калиопи најсилно ќе ги прегрне своите фанови и ќе понуди перформанс од светски калибар, затоа со задоволство, само сега и за Калиопи, ќе го спонзорираме нејзиното патување и престој во Лондон“, велат од англискиот евровизиски фан клуб.

Во втората половина на април, планирани се и гостувања во Тирана и во Софија. Паралелно со турнејата, се работи и на сценскиот настап, подготовка на промотивниот материјал, како и на севкупната агенда за престојот на македонската евровизиска делегација во Стокхолм. Изборот на песна за Евровизија ќе се одржи на 10, 12 и на 14 мај во арената „Глоуб“ во Стокхолм, а нашата претставничка Калиопи ќе настапи на втората полуфинална вечер на 12 мај.



Врати се горе ↑