Македонија sf2014

3 ноември, 2014

Калиопи и Каролина специјални гости на „Скопски фестивал 2014“

Најпознатите музички имиња на македонската сцена во придружба на големиот ревиски оркестар на МРТ на 12 ноември во „Метрополис арената“ ќе приредат вистински спектакл, а сето тоа ќе биде збогатено и со настапите на македонските диви Калиопи и Каролина! Изведувачите на претстојниот „Скопски фестивал 2014“ ќе се борат за победа, но воедно и за билет за Виена, Австрија, каде што следната година ќе ја претставуваат Македонија на најголемиот музички натпревар на стариот континент – Евровизија 2015!

Веќе е познат и редоследот по кој ќе бидат претставени 20-те нови композиции, така што честа да ја отвори вечерта ќе ја има Лена Заткоска, по неа следат Тања Царовска, Даниел Кајмакоски, Вера Јанковиќ, во дует ќе настапат Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, па Евгенија Чанчалова – Еги, Александра Михова, осми по ред, исто така во дует, се Лидија Кочовска и Маријан Стојановски, по нив е Јоце Панов, повторно уште два дуета, Сања Керкез со Горан Наумовски и Тони Михајловски со Александар Тарабунов, дванаесетта по ред е Александра Јанева, Наташа Мијатовиќ – Мијата, Тамара Тодевска, Сања Ѓошевска, Наде Талевска, Викторија Лоба, Верица Пандиловска, Нина Јанева и како последен изведувач ќе настапи Димитар Андоновски.

Начинот на гласање е идентичен со евровизискиот модел на гласање, односно по системот на телефонско гласање и оценување од страна на меѓународно стручно жири од седум Европски радио дифузни сервиси, во сооднос 50 – 50 проценти. Најдобрите три композиции од фестивалот ќе бидат наградени со финансиски средства.

Билетите по симболична цена од 200 денари се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“. За секој присутен на настанот ќе следи аудио це-де со сите фестивалски песни.

И.Ј.



Врати се горе ↑