За Вас 538713_540551302625405_1878560383_n

10 ноември, 2012

Каква ќе биде музиката во иднина според астрологијата?

Иако астрологијата не е призната наука според сите критериуми кои треба да ги има, сепак голем е бројот на луѓе кои веруваат во карактеристиките на знаците, како и предвидувањата според наталните карти. Астролозите често прават и истражувања во однос на тоа што ќе се случува во одедено поле, како на пример музиката.

Од четирите групи на знаци во зодијакот, најголема поврзаност со музиката и општо креативното творештво имаат т.н. водени знаци, а тоа се Рибите, Ракот и Скорпијата. Иако имаме примери и на други знаци кои се присутни во уметноста, сепак оваа тројка има најголеми предиспозиции за тоа.

Ако човек подлабоко ја проучува астрологијата и има време да согледа како нејзините предвидувања се реализираат во пракса, тогаш би можел самиот да се увери во веродостојноста на астролошките тврдења дека движењето на Сонцето, Месечината, Меркур, Венера и Марс (т.н. лични планети ) навистина имаат поголемо влијание врз случувањата во животот на поединецот. Јупитер и Сатурн влијаат врз промените што се случуваат од една до друга генерација и затоа се сметаат за генерациски планети. Додека Уран, Нептун и Плутон влијаат врз светските текови и тенденции. Тие покажуваат во кој правец ќе се движи светската историја, укажуваат на промени во општествените системи, показател се за тоа во кој правец ќе се движи науката, уметноста, модата, општествените сили и општествените односи.

Планетата која владее со водите, Нептун веќе од април 2011 година до февруари 2026 година ќе минува низ знакот на Риби. Меѓу другите аспекти, за музиката ова ќе значи своевидна ренесанса, односно после разорното речиси дводецениско влијание на техно музиката, музичарите ќе бидат инспирирани да создаваат поромантични и носталгични дела или пак ќе прават римејк на делата од познатите класици.

Оваа транзиција е на самиот почеток, затоа можеби и нема многу примери за тоа, но во минатото кога истата таа планета транзитираше низ знакот Риби, се случија едни од најзначајните музички пресврти во историјата. Уште во периодот од 1520 до 1534 година се случи Ренесансата, а тоа во голема мера значеше преродба на старите класици, и во областа на литературата, сликарството и другите форми на уметност. Во периодот од 1847 до 1862 година, Нептуновата инспирација најмногу доаѓа до израз во музиката каде што настапува периодот на романтизам преку делата на Жорж Бизе, Шопен, Брамс, Чајковски.

Со оглед на тоа што се случувало за време на минатите транзиции на оваа планета, можеме да очекуваме одредени пресврти и на светската, но и на домашната сцена. Можеби после одредениот период на пеење на плејбек, ставањето на акцентот на пеењето во живо на македонските фестивали е еден знак за тоа, како и враќањето, на пример, на Скопскиот фестивал за којшто самите организатори изјавија дека сакаат да го вратат стариот сјај и да им претстават на публиката типични македонски шлагери отпеани во живо со оркестар.

Можеби на сцената ќе се вратат и некои музички имиња кои одамна не се дел од музичката сцена, или пак како што имавме можност да видиме, стари теми препеани од нови пејачи или преработки на народни песни. Или пак музичките стилови од минатото повторно ќе станат актуелни.

Целта на овој текст не е да Ве убеди или да Ви докаже нешто, туку едноставно да се погледнат работите низ една поинаква призма, од друг аспект, како што во случајот е астролошкиот. Некои веруваат, а некои сметаат дека нема ни трошка вистина во тоа. Како и да е, сепак податоците се интересни да се знаат, особено оние кои што веќе се случиле, без разлика дали станувало збор за коинциденција или навистина планетите имаат некакво влијание врз тоа што се случува на нашата Земја. Се надевам дека темата беше забавна, па во наредниот период времето ќе покаже што ќе се случи со музиката и што ќе ни понудат музичарите во целиот свет.

Извор: astroscopia.com



Врати се горе ↑