За Вас neurosciencesingingfeature

14 декември, 2016

Како влијае пеењето врз нашето здравје?

Конечно е докажано дека пеењето е многу, многу добро за Вас, а според најновите истражувања најдобро е пеењето во група! Имено, кога пееме, нашите невротрансмитери се поврзуваат на нови и различни начини и тоа директно ја стимулира десната половина на мозокот, ослободувајќи ендорфини што нè прават попаметни, поздрави, посреќни и покреативни. А кога пееме заедно со други луѓе, овој ефект е уште поголем.

Науката го поддржува пеењето

Она што не беше откриено досега е дека освен што пеењето во група придонесува за заедничко ослободување на хормоните за поврзување, серотонин и окситоцин, исто така ги синхронизира и отчукувањата на срцата на сите учесници. Пеењето во група буквално поттикнува на заедништво, отколку на пристапот „секој за себе“.

Во нејзината книга „Несовршена хармонија: Наоѓајќи среќа во пеењето со други“ (Imperfect Harmony: Finding Happiness Singing With Others), Стејси Хорн (Stacy Horn) пеењето го нарекува „инфузија на совршен седатив, кој истовремено ги смирува нервите и го подига духот“.

Пеењето Ве прави среќни

Веќе цела деценија научниците посветено работеа да докажат зошто пеењето има толку смирувачки ефект, а истовремено им дава енергија на луѓето. Благодарение на „среќните хормони“, пеењето им помага на луѓето со депресија и ги намалува чувствата на осаменост, правејќи ги да се чувствуваат опуштено, среќно и поврзано. Што е уште поважно, придобивките од редовното пеење се кумулативни. Луѓето што пеат имаат пониски нивоа на кортизол, што значи и помалку стрес.

Британската пејачка, учителка по пеење и раководител на хор, Софија Ефтимиу (Sophia Efthimiou) го опишува пеењето како „процес на свесно контролирање на дишењето и грлото со цел да се создаде и одржи одреден тоналитет, а сето тоа го комбинираме со ритам и поезија за да создадеме песни“.

Кај групното пеење, секој член ги чувствува музичките вибрации што поминуваат низ нивнитe тела истовремено, па така се синхронизираат и отчукувањата на срцето. „Ние буквално формираме едно големо срце“, објаснува Софија.

Секој може да пее

Најважно од сè е тоа што секој може да ги користи придобивките од пеењето, без оглед дали е добар или не, односно дури и кога звуците произведени од вокалниот инструмент се со полош квалитет. Тања де Џонг (Tanya de Jong) од австралиската организација „Криејтивити“ (Creativity Australia) ефективно го користи овој метод, обидувајќи се да ги вкучи сите членови, дури и оние што немаат способност за пеење. Нивниот проект „Сo еден глас“ (With One Voice) вклучува луѓе со различна способност за пеење, поттикнувајќи ја нивната креативност и зголемувајќи ги нивоата на поддршка и поврзаност.

„Едно од најубавите нешта за пеењето е тоа што Ве поврзува со десната страна од мозокот, која е одговорна за интуиција, имагинација и сите наши креативни функции. Тоа нè поврзува со еден огромен свет на можности. Во денешно време, ние сме постојано бомбардирани со информации што ги процесираме и анализираме, па така остануваме ’заглавени’ на левата, процесирачка страна од мозокот. Токму затоа од особено значење е да се негуваат човечките атрибути што нè делат од машините. А најдобиот начин за тоа е пеењето“, објаснува таа.

Пејте секаде, во секое време

Придобивките од пеењето се бесплатни и достапни за сите. Секој што има глас може да пее, дури и ако смета дека нема талент за тоа. Некогаш сите сме пееле во црква, покрај оган, на училиште… но, денес тоа е сè поретко. Во одреден момент, некој ни кажал да замолчиме или сме биле критикувани за несовршениот глас. Софија Ефтимиу вели дека пеењето е мошне лично, како израз на звук што доаѓа длабоко од нас, па затоа секоја критика ја сфаќаме лично и тоа едноставно останува со нас.

Исто така, луѓето што тврдат дека немаат слух, најчесто не се ни обидуваат да го пронајдат и да го искористат нивниот пејачки глас. Немањето слух е мошне ретко и би значело дека една личност не е во состојба да препознае песна, така што секој што може да препознае песна има слух, само немал пракса. „Кога ќе отпееме погрешна нота, се чувствуваме лошо како да е тоа одраз на самите нас. Но, ако можеш да зборуваш, можеш и да пееш“, додава Софија.

Пуштете глас!

Американската оперска певица Кејти Кет (Katie Kat) нè охрабрува да пееме многу почесто, без оглед на нашите способности. „Пеењето го подигнува нивото на самосвесност, самодоверба и на нашата способност да комуницираме со другите. Тоа го намалува стресот, ни дава утеха и ни помага да го оформиме нашиот идентитет“, вели таа.

Кога пееме, музичките вибрации се движат низ телото, подобрувајќи ја нашата физичка и емотивнa состојба. „Сепак, општеството малку ги изврти нашите вредности за пеење. Тоа стана резервирано само за талентите или познатите ѕвезди зад кои стои армија на композитори, продуценти и менаџери, оставајќи нè со деструктивен критицизам за сопствените гласови“, додава таа.

Сепак, какви и да се нашите пејачки способности, никој не може да ни забрани да пееме, особено ако тоа придонесува за нашата целокупна благосостојба. А и како што велат постарите, кој пее зло не мисли!

И.Ј. / Извор: upliftconnect.com



Врати се горе ↑