Македонија 8200dade-2e59-47fa-a6b4-1b01f69f45c5

26 ноември, 2014

„Како Вардар – Најдоброто од Зафир Хаџиманов“, подарок за македонската публика

По повод прославата на 70 години живот , 55 години работа, Зафир Хаџиманов бесплатно го подарува своето ново издание

Легендарното име на македонската популарна музика, познатиот автор, актер, интерпретатор и музичар Зафир Хаџиманов, по повод прославата на својот јубилеј 70 години живот, 55 години работа, го објавува своето најново цеде издание, насловено „Како Вардар – Најдоброто од Зафир Хаџиманов“. Но не само тоа, туку нашиот доајен и доминантен кантавтор во светот на шансоните, како никој досега, ќе ја почести и израдува македонската публика која ова јубилејно издание ќе има чест да го добие како бесплатен подарокОбјавувањето на новото издание, реализирано со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а под етикетата на „Пасворд продакшн“ ќе биде на 3 декември (среда) кога истото во 10 000 примероци ќе биде бесплатно достапно со секој број на неделниот магазин „Теа Модерна“. На овој носач на звук ќе се најдат 19 најголеми хитови на раскошниот вокал и музичар Зафир Хаџиманов, меѓу кои и неповторливите „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Зајди Зајди“, „Од љубов не се бега“ и многу други.

Зафир Хаџиманов како легендарно име на нашата сцена, како ретко кој друг, зад себе има импозантна биографија со бројни остварувања, успеси и награди. Тој е роден на 25.12.1943 во Кавадарци, а уште во својата младост како студент по глума постигнува извонредни успеси како во театарот, така и во светот на филмот и шоу бизнисот. Ги освојува првите значајни авторски и интерпретаторски награди на сите фестивали во тогашна Југославија: Белград, Загреб, Опатија, Сплит, Скопје, но и на меѓународните фестивали во Сопот, Полска и Варадера, Куба. Ги игра и главните улоги во филмовите на Ж. Митровиќ „Нож“ и на Т. Попов „Македонска крвава свадба“. По завршените студии повремено, но успешно игра на театарските сцени во Белград, Скопје, Нови Сад и Бостон, С.А.Д. (Forum Theatre) . Добитник е на годишните актерски награди на Српскиот народен театар и специјалните повелби за високи остварувања во светот на глумата од страна на Здружението на театарски уметници на Србија. Покрај тоа, има забележани улоги во уште неколку филмови.

Меѓу народот е повеќе познат како доминантен кантавтор во светот на шансоните, потоа испеаната поезија, како своја така и на многу врвни поети. Како никој друг во Македонија и Србија, има компонирано десетици шансони и балади на стихови од антологиските поети, од македонските – Константин Миладинов, Коста Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов и Радован Павловски, до српските Милош Црњански, Душко Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Бране Црнчевиќ и многу други. Подеднакво беше активен и плодотворен во компонирање врз стиховите на големите поети од целиот свет, па неговите витрини ги красат бројни награди и признанија од фестивалите на поезија и музика, од Струшките вечери на поезијата во 1975 година до Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 и 2005 година.

 

Како никој друг од неговата бранша, со посебно почитување ја негува старата македонска народна песна. Сам, или во тандем со својата сопруга Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов има снимено десетина носачи на звук, ТВ програми и го обиколи светот пеејќи на концерти во СССР, С.А.Д., Канада, Куба, Австралија, Франција, Германија, Шведска, Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија… Настапуваше и раскошно ја споделуваше убавината на својата и наша музика и поезија на сцените како во „Олимпија“ – Парис, „Опера Хаус“ – Сиднеј, „Бољшој театар“ – Москва… Добитник е на „Југословенските естрадни награди“ и наградата „Истакнат уметник на Србија“. Паралелно со сценската и музичка работа Зафир Хаџиманов пишува и објавува поезија на македонски и српски јазик: „Шансони на хартија“, „Куче пејачка“ (Признание „Стражилово“ за најдобра поетска книга во 1984 година), „Азии“, „Народен пејач“, „Брат“, како и книгата со кратки раскази „Кисело-весело“. Автор е на текстот, стиховите и музиката на првиот македонски мјузикл „Ало, будење“.

Во февруари 2002 година освои „Награда за животно дело“ од скопското радио „Бубамара“, во 2003 година во Нови Сад доби „Награда за животно дело“ според гласовите на гледачите на „ТВ Јесењин“, а во 2006 година наградата „Златна Маска“ за промовирање на македонската култура во светот. Зафир Хаџиманов е и почесен претседател на српско-македонското друштво „Шар Планина“. Во 2007 година го објави ЦД-то со своите најголеми фестивалски успеси „Био је Мај“ и цедето со најубавите македонски балади „Од љубов не се бега“. Во 2008 година пак ја објави книгата и цеде „Македонија пее“ во соработка со Министерството за наука и образование на Република Македонија.

Истата година за улогата на Жан Валжан во мјузиклот „Клетници (Les miserables)“ ја доби големата награда на опера-театарот „Мадленијанум“ за врвно актерско-пејачко остварување. Владата на Република Македонија му ја додели титулата Амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија. Во 2009 година Македонскиот издавачки центар во Србија го објави двојазичното издание на неговиот мјузикл „Ало, будење“.

Но бујната творечка активност на овој музички великан на македонската музика не застанува тука и на наше особено задоволоство „Пасворд продакшн“ ја надополнува листата на својата издавачка етикета со уште една скапоценост од уметничкото творештво на Зафир Хаџиманов. Неговото најново издание „Како Вардар – Најдоброто од Зафир Хаџиманов“ кое ќе биде објавено на 3 декември 2014, покрај прославата на јубилејот 70 години живот, 55 години работа на Зафир Хаџиманов, доаѓа и во името на прославата на 16-годишното издание на „Таксират Фестивал“.



Врати се горе ↑