Балкан KRL_5370

2 март, 2015

Како поминаа првите аудиции на „Х фактор“

Како што Ви пренесовме неодамна, започна снимањето на аудициите на регионалниот музички натпревар „Х фактор Адрија“, а во продолжение ќе прочитате за првите впечатоци на сите учесници во овој проект.

Натпреварувачите, со броевите што ги добија, седат заедно во чекалната и нетрпеливо го чекаат својот ред да излезат на бината пред четири познати музичари од регионот, кои треба да ги оценат и да одлучат дали ќе продолжат понатаму во натпреварот. Тука се и убавите водителки Антонија Блаќе и Снежана Велков, како и младиот актер, а сега и водител, Александар Радојчиќ. Тие разговараат и ги охрабруваат натпреварувачите и нивните семејства зад сцената.

Александар Радојчиќ

И додека ги одбројуваме последните минути пред почетокот на снимањето, публиката со нетрпение чека во студиото. Ја набљудуваме раскошната бина, а зад неа се слуша распејувањето на натпреварувачите. Сите пеат во еден глас. Како еден. Како еден на друг да не си се конкуренција. И додека некои пуштаат моќни гласови како веќе да имаат многу искуство, на други гласовните жици им треперат од трема.

Снимањето воопшто не е едноставно и никому во студиото не му е лесно. Ни на натпреварувачите, нити на оние кои одлучуваат за нивните судбини: Александра Ковач, Тончи Хуљиќ, Жељко Јоксимовиќ и Масимо Савиќ.

„Темпото е толку брзо што во еден момент помислуваш ’Боже, што ми требаше ова!’ Навистина е тешко тоа што имаш чувство дека на некои од тие луѓе им ја држиш судбината в раце. Тешко е да се игра со тие работи. Всушност, јас сакам да им објаснам дека во прашање е само еден ден од животот. Следната година можеби ќе имаат нова шанса, утре е нов ден“, открива Тончи Хуљиќ.

Се чини дека најтешко ѝ било на Александра, на која во еден момент ѝ се слошило, па реагирале и лекарите: „Бев уморна, па морав да земам малку шеќер, малку чоколадо. Сега сум супер“, искрена е Александра, единствената дама меѓу тројцата господа. Вели дека заради таквиот однос на сила има голема поддршка од публиката: „По реакциите на публиката, ако смеам да кажам, гледам дека мене ме сакаат малку повеќе. Можеби затоа што сум единствената дама во жирито, затоа што одвреме-навреме сум строга. Генерално ја давам поддршката која е многу важна за оние кои ја заслужуваат. На оние за кои мислам дека не треба да се занимаваат со музика, тоа им го кажувам на дипломатски начин. Имам педагошки пристап“, раскажува Александра.

Жељко минатата година важеше за настрогиот член на жирито. Дали годинава тоа ќе се промени?

Сè зависи од натпреварувачите. Тие предизвикуваат реакција кај мене. Мислам дека сè има аргументи со причина“, искрен е Жељко.

Улога на строг судија нема да има ни Тончи Хуљиќ. Тој вели дека никој од нив не е строг, туку дека се само реални: „Ако реалноста може да се нарече строгост, тогаш можете да кажете дека сме строги“, вели Хуљиќ.

За Масимо, пак, се најавува дека ќе биде ригорозен и реален: „Мислам дека на овие емисии им недостасуваа малку искреност и професионалност.“

А во што може да се напронајде тој Х фактор е прашањето што секако нè интересира најмногу. За Масимо тоа е: „Токму утрово му реков на Тончи: Тончи гледаш, можеби, но само можеби, никој од овие натпреварувачи нема да го наполне Сава центарот. Но можеби на паркингот се наоѓа некој човек, кој работи во осигурување и кој само гледа од приколката, можеби токму тој утре ќе биде ѕвезда. Можеби една девојка, која овде е задолжена само да исчисти нешто, еден ден ќе стане ѕвезда“, открива Масимо додавајќи дека не е сè само во добриот глас: „Изгледот е многу важен. Попријатно е да се види убава, наводно убава личност. Јас не сакам кога е премногу разголено, мене многу посекси ми е само една назнака. На пример, гол глужд, па ние да замислуваме што сè е тука. Изгледот е важен, но апсолутно гласот е тој што има предност. Но сепак, може некој да погреши половина тон, а мене да не ме интересира ако има душа.“

Дека не е сè во гласот се согласува и Жељко: „За мене не е одлучувачки како пеат. За мене тоа е првиот впечаток. Не мора некој да пее добро за да го одбереме. Барем што се однесува на мене.“

Жељко е единствениот кој минатата и оваа година е дел од жирито на „Х фактор“. Вели дека и покрај многубројните обврски, како што се Евросонг и подготовките за двојниот албум, нашол време и за улогата на жири во овој натпревар: „Ова е убава работа. Ги тестирам своите ментално-физички капацитети. Мило ми е што жирито е толку добро. Навистина ја почитувам работата на своите колеги, уживам во ова што го работам и не ми претставува голем напор“, открива Жељко.

Кога би морал да го спореди минатогодишното жири со ова, вели дека во двата случаи до него седат музичари кои ги почитува: „Јас многу ја ценам и сакам и претходната екипа. Веќе подолго време знам и за овие колеги, некои ги познавам подолго, некои пократко. Секако дека постои разлика во енергијата меѓу минатогодишното и овогодишното жири, но тоа најдобро ќе го почувствува публиката. Јас уживам со оваа екипа. Мојата состојба е стабилна“, низ змеа завршува Жељко.

И што е најважно, на снимањето состојбата им беше стабилна на сите. И на жирито и на учесниците и на публиката. Можеме со сигурност да кажеме дека нè очекува одлично шоу. Ќе слушнеме коментари со поддршка, аргументирани критики, но и добри гласови. Ќе видиме зошто Масимо Савиќ е вистински џентлмен, но и како жирито е едногласно кога нечиј талент е неоспорен. Затоа бидете трпеливи уште малку, бидејќи наскоро ќе пристигне шоуто кое ќе Ве зарази и сигурно нема да можете да го пропуштите, порачуваат од продукцијата.

 



Врати се горе ↑