Македонија IMG_1759 (1)

28 април, 2015

Како изгледаа познатите на својата матурска ноќ?

Нашите познати јавни личности беа матуранти пред неколку години. Кој пред десетина години, 15-тина или помалку, тие тогаш биле во чекор со тогашната мода. Во прилог дознавате како изгледале Панчо, Маја Поцевска, Кристина Арнаудова, Симона и останатите јавни личности кои ни открија детали од нивниот матурски изглед.

„Носев кратко црно фустанче со високи штикли за кое тогаш, а и сегa да го носам изгледа модерно, затоа што таквите фустанчиња секоја девојка треба да ги има во својот плакар, не зависно од тоа дали ќе ги носи на свечена или матурска пригода. Косата ми беше собрана и изгледав ненаметливо, во чекор со моите години тогаш“, изјави Маја Поцевска, водителка.

Како Маја така и пејачката Симона Попоска изгледала ненаметливо за својата матурска ноќ.

„Никогаш не сум ја сфаќала матурската ноќ толку гламурозно, дека треба да изгледам нешто многу поразлично од тоа што сум била. Носев црно фустанче со розев детал. Шминката ми беше нежна, ненаметлива, како и косата фатена, лабаво фатена ми беше. Убава ноќ беше тоа“, се сеќава пејачката Симона.

Освен дамите, со елегантен и интересен изглед може да се пофали и Панчо, кој за таа ноќ бил во Америка, но сепак останал доследен на трендот да изгледа модерно и во негов стил.

„За мојата матура бев во Америка. Носев токсидо со руска јака, баш си бев модерен и изгледав многу тренди за тоа време. И денес да го облечам тоа, пак ќе изгледам интересно и фино“, рече Панчо.

Водителката Здравкица Милиќ, која секогаш изгледа дотерано и средено, со насмевка се сеќава на матурската ноќ и тогашниот нејзин изглед за таа пригода.

„Во тоа време мислев дека така треба. Носев бел, долг, чипкан фустан, кој навистина беше убав. Косата ми беше скроз собрана, имав шпанска пунџа и носев кратко болеро. Единствено нешто што тогаш имав зацртано беше да носам бел фустан. Од оваа дистанца денес, не би избрала сигурно бела боја, ниту толку сериозен изглед, но тоа си оди со годините. Кога си помлад сакаш да изгледаш постаро и обратно“, беше искрена водителката Здравкица.

Уште една дама од ТВ екраните раскажа за својот матурски изглед. Милена Антовска е водителката која денес не би носела такво фустанче како на својата матура.

„Носев  тесно, кратко фустанче со  гол грб, сребрено со розе комбинација. Тогаш тие модели беа модерни, но денес да треба да бидам матурантка, дефинитивно мојот избор би бил поразличен“, изјави Милена.

На ова прашање одговори и пејачката Кристина Арнаудова, која е горда на својот матурски изглед што го креирала самата.

„Сама си го креирав фустанчето кое го носев, како и целосниот изглед беше моја идеа. Носев кратко сребрено-златно фустанче, со бели сандали и бела ташна. Денес да треба да одбирам, пак би го направила истиот избор, затоа што сметам дека тој изглед не знае за време и мода. Косата ми беше долга, пуштена, со ненаметлива шминка“, изјави Кристина.

Познатите открија како тие изгледале на својата матурска ноќ, кој наметливо, кој ненаметливо и модерно, сепак тоа било во чекор со тогашната мода. За и Вие да изгледате гламурозно на Вашата матурска ноќ дозволете тоа да го направат професионалци за Вас. Затоа, денес, пријавете се на кастинг за матурска преобразба кој ќе се оддржи во вторник, на 28 април во „Скопје сити мол“, во холот од страната на „Плеј кафе“, од 18 часот и 30 минути до 20 часот и 30 минути.

Пролетта е период кога сите матуранти се подготвуваат за својата матурска ноќ. Во потрага по совршениот аутфит, „Скопје сити мол“ ги повикува сите матуранти да дојдат на кастинг за матурска преобразба и средувањто да им го препуштат на професионалци.



Врати се горе ↑