Македонија esma-i-vlatko

19 март, 2013

„Како циганка да ја претставува Македонија!“

Есма Реџепова (69) не криела дека е тажна, разочарана, бесна и повредена откако како придружен вокал го отпеала својот дел во новата евровизиска песна „Пред да се раздени“, пишува српскиот медиум vesti-online.com.

Таа изјавила: „Што да Ви кажам, ни малку не сум задоволна. Она што сега го пеам не е тоа тоа. Јас пејам, но како придружен вокал на Влатко. Тој пее три стиха и тоа ги повторува, а јас треба да излезам на сцена и да отпеам само два. Пеам преку 55 години и сега треба да бидам само придружен вокал. Тоа нема смисла. Ајде да не знаев да пеам, во ред, но јас знам да пеам. Голтам кнедли и молчам, што да правам…“ – рекла Есма, додавајќи: „Не ми е јасно каков дует е тоа ако не пееме заедно.“

Иако песната е дует, и Есма и Влатко си го пеат својот дел секој за себе. Дури ни рефренот не го пеат заедно: „Иако песната не ми се допаѓа, не можам ништо да направам. Тие сакаа да пеам на ромски јазик и на Симеон му беше така наредено. Зошто да пеам на ромски, можев и јас на македонски, тоа и го сакав, но не ми дозволија. Приказната ќе беше поинаква ако го отпеевме рефренот заедно, макар и на ромски.“ 

На прашањето дали ѝ било понудено само таа да ја претставува Македонија, таа горко се насмевнала одговарајќи: „Тоа овде не може. Како циганка да ја претставува Македонија!“

Лут е и нејзиниот син Симеон Атанасов, авторот на „Империја“ и делот кој Есма го пее во новата песна, кој прзнава дека својот дел го направил на ромски јазик по нарачка, како за свадба: „Во целата песна нема компактност на текстот. Влатко пее за љубов, а Есма – ајде станете да играме и пееме. Покрај тоа, не постои ни заеднички рефрен каде што и двајцата би пееле во дует, туку секој си го пее својот дел, Есма на ромски, Влатко на македонски.“ – изјавил Атанасов.

Инаку, текстот на Есма во превод значи: „Јас, Есма еве пеам, Вашите срца јас ќе ги стоплам! Јас Есма еве пеам, Вашите срца јас ќе ги стоплам! Затоа со половината мешајте, ајде станете сите Роми!“

„,Империја’ беше подобра песна. Им се допадна и на нашите промотори кои ги имаме во седумдесет земји во светот. Да пеевме нешто без врска, во ред, но пеевме за музичката империја, за тоа дека целата музика во светот е империја. Политичката ситуација во Македонија не смееше да има влијание врз песната, но што да се прави, така им е наредено. Ќе видите какви ќе бидат коментарите по песната ,Пред да се раздени’“ – вели Есма.

Пред премиерното изведување на песната во рамките на шоуто „Танц со ѕвездите“, Есма разочарана, напуштена и сама била во една просторија во близина на главното студио на Македонската радио телевизија. Не криела ниту дека по повлекувањето на „Империја“, сериозно размислувала да дигне раце од сè и да го откаже учеството на Евросонг: „Тоа би ми било најдобро. Тоа и би го направила, но како професионалец не можев да пресечам и да кажам не. Со тоа би ги разочарала моите бројни фанови ширум светот кои ме очекуваат со нетрпение“ – заклучила Есма.

 

Извор: Vesti-online.com



Врати се горе ↑