Свет

18 октомври, 2017

Кајли откри детали за новиот албум и најави нов сингл за јануари

Кајли Миног веќе извесно време работи на нов материјал, а во неодамнешен разговор со британскиот таблоид „Сан“, австралиската дива открила детали за претстојниот албум, како и дека првиот сингл ќе стигне во јануари следната година. Имено, дел од песните се инспирирани од искуствата во нејзините љубовни врски, но сепак не станува збор за албум за раскинувањата.

„Минатата година имав малку бурен период, но го надминав, така што поголемиот дел од материјалот е суперпозитивен и инспиративен, ако ништо друго, барем ќе биде потсетник за таквите искуства. Сега се чувствувам одлично!“, изјавила таа, а самиот креативен процес го опишала како „катарзичен“. „Беше добро. Малку чуден е концептот да поминеш седум, осум или девет часа во студио, понекогаш со луѓе што не ги ни познаваш, но ако работиш со добри луѓе, тоа е совршеното место да се соочиш со твоите проблеми“.

Интересно е и тоа што претстојот во престолнината на кантри музиката, Нешвил, бил интегрален дел од новиот албум. Отидов во Нешвил на две недели и од тоа, всушност, настана целиот албум. Веќе имав многу работено на материјалот и пред тоа, но Нешвил остави длабока трага во мене“, додала 49-годишната ѕвезда, појаснувајќи дека песните раскажуваат приказни, што е и една од главните одлики на кантри музиката.

За да имаме предвид до која фаза е стигнат албумот, Кајли открила и дека веќе размислува за визуелниот концепт и за турнејата. „Веќе имам одредена замисла како би изгледало сето тоа, а сигурна сум дека ќе имам многу концерти следната година. Едвај чекам да настапувам пак“, заклучила таа. Додека го очекуваме најновото од австралиската „џебна Венера“, да се потсетиме на темата „Sexercize“, која се најде на последниот албум објавен во 2014 година, „Kiss Me Once“.

Извор: Idolator



Врати се горе ↑