Аудио

6 мај, 2019

Кајли Миног најави албум со најголемите хитови со ретро-синглот „New York City“

На 28 јуни австралиската џебна Венера ќе ја претстави својата најголема, петта по ред збирка со хитовите што ја одбележаа нејзината повеќедецениска кариера, а како најава за претстојното двојно издание деновиве стигна сосема новиот, но со ретро-звук сингл насловен „New York City“. Станува збор за песна потпишана од самата Кајли Миног и Карен Пул, како и од шкотскиот диџеј и продуцент Мајло, чиј хит Drop The Pressure“ (2004) е искористен како основа, а продукцијата е на диџеј Фреш.

50-годишната дива, која на 28 мај ќе го прослави 51. роденден, започнала да работи на оваа песна за време на подготовката на материјалот за минатогодишниот албум „Golden“, но иако не ја сместила на овој проект, неколку пати ја отпеала во рамките на истоимената турнеја.

 

Како што споменавме, „New York City“ е најава за двојниот албум со најголемите хитови симболично насловен „Step Back in Time: The Definitive Collection“, според истоимениот сингл од 1990 година. Во времетраење од два часа и триесет минути, двете цедеа содржат вкупно 42 песни, започнувајќи од „I Should Be So Lucky (1988), „The Loco-Motion“ (1988), „Celebration“ (1992), преку „Spinning Around“ (2000), „Can’t Get You Out Of My Head“ (2001), „Slow“ (2003) до минатогодишниот „Stop Me From Falling“.

Новиот албум пејачката ќе го поддржи и со летна европска турнеја што ќе опфати 14 концерти ширум стариот континент. Видео-најавата за „Step Back in Time: The Definitive Collection“ погледнете ја во продолжение.



Врати се горе ↑