30 мај, 2018

Кајли Миног го прослави 50. роденден со ново видео

Австралиската дива Кајли Миног завчера, на 28 мај, прослави половина век од раѓањето и по тој повод обожавателите ги почести со ново видео. Станува збор за екранизација на насловната тема од актуелниот албум „Golden“, кој го објави на 6 април годинава и од кој произлегоа хитовите „Dancing“ и „Stop Me From Falling“.

Напишана во соработка со Греми наградената авторка Лиз Роуз и Линдзи Рајмс, песната е со шпагети-вестерн призвук и носи мудра порака: „Не сме млади, не сме стари, ние сме приказни сè уште нераскажани… ние сме златни“, пее вечно младоликата ѕвезда, а видеото во режија на Колин Солал Кардо е уште еден изговор за пејачката да продефилира во неколку гламурозни изданија, сето тоа налик на фотосесија.

Иако експериментирањето со различни стилови е доста ризично, се чини дека овој проект во кантри-поп стил е одлично прифатен од публиката, а насловната тема заедно со видеото дефинитивно се круна на ова поглавје од нејзината кариера. Како изгледа и звучи „Golden“ дознајте горе. Уживајте!



Врати се горе ↑