1 февруари, 2018

Кајли Миног го објави светкавото и разиграно видео за „Dancing“

Кајли Миног започна со промоција на новиот материјал од претстојниот албум, а неодамна објавениот прв сингл „Dancing“ штотуку доби и своја екранизација. Соодветно со новиот кантри-призвук, австралиската ѕвезда овде покажува и колку добро знае да танцува, но признава дека доста се помачила да ги совлада чекорите.

„Секогаш мислев дека лесно можам да ги научам рутините, но овојпат беше поразлично“, изјавила таа, додавајќи дека кога дошло време да танцува со „смртта“, веќе ја имала усовршено својата техника. „Ако тоа не е смешна алегорија за животот, не знам што е!“, се пошегувала 49-годишната дива.

Видеото воедно ја доловува и самата есенција на песната, со која се порачува да живееме во моментот. „Животот е составен од моменти – некои од нив се одлични, а некои не се баш сјајни… Сепак сакав ова видео да ја одразува прославувачката природа на песната“, објаснила таа, а како изгледа сето тоа во режија на нејзината долгогодишна соработничка Софи Мјулер можете да погледнете горе.

Инаку, „Dancing“ е вовед во нејзиното 14. по ред студиско издание „Golden“, кое е закажано за 6 април.



Врати се горе ↑