22 јуни, 2018

„Каде сме“ – одлично летно освежување од Симеон Коруноски

Лозано дефинитивно добива конкуренција кога се во прашање кичевските музички таленти, но и сопствениците на летни хитови, а доказ за тоа е сè побрзиот подем на неговиот сограѓанин Симеон Коруноски, чиј штотуку објавен сингл „Каде сме“ е можеби едно од најдобрите летни освежувања на македонската сцена.

Станува збор за прва авторска песна на младиот музичар, чиј потпис стои на стиховите, а музиката му е заедничка со колегата Иле Спасев, кој се погрижи и за одличната продукција проткаена со тропски вибрации, во тек со светските трендови. Специфичниот, треперлив вокал на Коруноски совршено ја дополнува атмосферата на песната, а сето тоа визуелно го заокружија Александар Пауновски  и продукцијата „Креатив“.

Со задоволство ви ја претставувам мојата прва авторска песна и видео запис, верувам дека ќе ви се…

Gepostet von Simeon Korunoski am Donnerstag, 21. Juni 2018

Коруноски, кого македонската публика го запозна по учеството во „Кастинг талент шоу“ и првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, периодов е актуелен и со соработката со битолскиот диџеј и продуцент Кортекс за одличната „Don’t You Know“, а зад себе ја има баладата „Најмила“ од авторот Никола Дојчиновски, која му ја донесе наградата за најдобар дебитант на минатогодишниот „Охрид-фест“, како и првото место и на фестивалот „Златен костен“ во Бугарија.

Со овој прв авторски сингл, Симеон дефинитивно си го зацврстува местото во новата генерација на надежни македонски музички таленти, а ние му посакуваме многу успех и се надеваме дека допрва ќе слушаме уште многу хитови од него.

И.Ј.



Врати се горе ↑