Видео

7 март, 2019

Каде и да оди, Божидар Николовски ќе биде „Свој“!

Свој е насловот на втората авторска песна на младиот битолчанец Божидар Николовски, кој вчера ја промовираше во родната Битола, а сега е достапна и на неговиот официјален канал на Јутјуб. 19-годишниот пејач смело влегува во музичките води охрабрен од успехот на деби-синглот „Да си моја“, за кој освои две награди на минатогодишниот „Канео-фест“ во Охрид, градот чии убавини се прикажани и во новото видео за „Свој“.

Автор и на оваа песна е Мими Марковски, кој се потпишува на музиката, стиховите и на аранжманот, додека видеото е дело на Дејан Трајчевски.

РадиоМК: Иако како комплетен автор е потпишан Мими, велиш дека во создавањето на стиховите си „вмешал прсти“ и ти. Дали тоа значи дека станува збор за автобиографска песна?

Божидар: Така е, како комплетен автор на мојата нова песна се потпишува Мими Марковски, но морам да признaам дека првичната идеја беше моја, и да, „СВОЈ“ е автобиографска песна. Целта која што сакав да ја постигне оваа песна е секој млад човек којшто започнува со своја кариера, без разлика во која сфера е тоа, да може да се пронајде, да земе порака од самата песна, но и мотивација која што ја носи самата песна за продолжување понатаму, кон нови победи!

РадиоМК: Ова е и твое прво видео. Како си помина на снимањето и дали си задоволен од сработеното?

Божидар: Точно така, ова е мојот прв професионален спот, морам да признаам дека на снимањето поминавме одлично. Целата екипа беше топ, имавме одлична конекција, и поради тоа целото снимање одеше навистина брзо, презадоволен сум со тоа како испадна целиот спот и навистина сум горд на целата екипа!

РадиоМК: Според она што може да се види од социјалните мрежи, имаш навистина голема поддршка од твоите сограѓани. Чија поддршка најмногу ти значи?

Божидар: Среќен сум што навистина имам огромна поддршка од сите страни. Поддршката значи, без разлика од кого доаѓа. Навистина благодарение на социјалните мрежи подршката е и поголема и доаѓа од различни профили на луѓе од разлизни возрасни групи, но и од различни градови!

Доказ за тоа е и вчерашната промоцијата, која помина навистина одлично, се дружевме, заедно пеевме, игравме, ширевме многу љубов и позитивна енергија. На мојот профил на Инстаграм читателите можат да погледнат и дел од вчерашната атмосфера!

РадиоМК: Иако си студент на факултетот за бизнис и менаџмент во Битола, сепак се чини дека барем малку поголема љубов ти е музиката. Како се надградуваш и усовршуваш во ова поле и кој ти помага да го извадиш најдоброто од себе?

Божидар: Јас сум студент на Бизнис Академија Смилевски и сум прва година, но навистина морам да признам дека музиката е мојата единствена и најголема љубов! Исто така, посетувам и часови по соло-пеење кај мојот ментор Мими Марковски, кој е и главниот виновник за сè!

РадиоМК: Минатата година ни ја претстави одличната преработка на „Fly Me To The Moon“, заради што медиумите те нарекоа „битолскиот Синатра“. Би отпеал ли и на македонски нешто во тој безвременски стил?

Божидар: Секако, музиката е нешто што нè прави да се чувствуваме добро, а тој стил јас навистина многу го сакам, така што зошто да не?

РадиоМК: Ја следиш ли „Евровизија“? Што мислиш за нашето досегашно претставување на овој фестивал и дали би сакал и ти еден ден да ги браниш боите на нашата земја?

Божидар: Да бидам искрен, „Евровизија“ и не е баш моја „шоља чај“. За тоа како нашата земја нè претставуваше досега, секако дека секој претставник дал сè од себе за Македонија да ја претстави во најдобро светло, но мислам дека „Евровизија“ е само “фрлање” на пари кои што не ни носат никаков успех. Сè додека даваме огромни суми на пари за „Евровизија“, а болните дечиња ги лечиме преку СМС, не правиме ништо. Секој пејач би сакал да ја претставува својата земја на таков огромен фестивал, но како што веќе реков, во нашата земја според мене имаме поголеми приоритети од „Евровизија“. Сепак, на Тамара ѝ посакувам многу среќа, знам дека Македонија ќе ја претстави најдобро што може и ја има целата поддршка од мене!

РадиоМК: Кога сме кај фестивалите, имаш ли желба да запееш и на некој од домашните, како што е, на пример, „Макфест“?

Божидар: Јас сум секогаш отворен за нови искуства, така што можеби до година ќе се претставам и на „Макфест“!

РадиоМК: Покрај Мими, со кои македонски или странски автори би сакал да соработуваш?

Божидар: Па, имам повеќе желби за соработка, но сега-засега навистина одлично ни оди соработката со Мими, а како што се вели „тимот што победува не се менува“, така што засега останува истата екипа!

РадиоМК: А со кого би запеал во дует?

Божидар: Кога станува збор за дуети, ако зборуваме за машко-женски дует, би сакал да снимам со нашата битолска гордост Каролина Гочева, исто така мислам дека супер би се вклопиле во некоја интересна песна и со Елена Ристеска, а од помладата генерација тоа би била Антонија Гиговска.

РадиоМК: Првите две песни ти се претежно во поп-стил. Ќе те слушнеме ли понатаму во некој друг жанр?

Божидар: Па искрено – зошто да не? Но, од друга страна, во овој жанр или во поп-фолк се чувствувам свој на своето, така што не знам, но зошто да не? Бидејќи веќе имаме планови за нови песни и се стремиме кон цел албум, можеби и ќе дојдеме до некоја интересна идеја.

РадиоМК: Божидар, ти благодариме за твоето време и ти посакуваме уште многу успеси понатаму. Се надеваме дека ова е само почеток на твојата музичка кариера! За крај, што би им порачал на нашите читатели?

Божидар: Ви благодарам на почеток за вашата поддршка, која што навистина неизмерно ми ја давате! Она кое што јас го препорачувам секогаш е дека сите ние треба да го градиме својот пат и по него да чекориме, без да судиме и повредуваме! И да, светот е онаков како што вие гледате на него, не заборавајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑