Свет ytma2015

3 март, 2015

„Јутјуб“ ги објави победниците на своите музички награди за 2015 година

По првото доделување на музичките награди на „Јутјуб“ во 2013 година, најпознатата видео платформа по пауза од една година повторно ќе ги награди најдобрите музичари во светот, а меѓу педесетте наградени за годинава се најдоа имиња како што се Аријана Гранде, Бијонсе, Меган Трејнор, Мајли Сајрус, „Уан дајрекшн“, Ријана, Чарли Екс-си-екс, Сиа, Ед Ширан, Сем Смит, Ела Хендерсон, Џорџ Езра, Иги Азалија, Ники Минаж, Кејти Пери, Тејлор Свифт и многу други. Победниците беа избрани врз основа на порастот на бројот на прегледи, претплатници и учества во текот на изминатите шест месеци.

За разлика од првото доделување во 2013 година, кое се емитуваше во живо, „Јутјуб“ овој пат ќе се обиде тоа да го направи на малку поинаков начин. Имено, платформата заедно со (за сега) 9 актуелни ѕвезди, но и млади и надежни уметници, работи на подготовка на оригинални видео записи, коишто ќе бидат истовремено претставени на 23 март. Настанот ќе го продуцира „Вајс“ (Vice), а едни од најдобрите режисери ќе се погрижат за уникатните видео записи на музичарите, за кои, пак, се вели дека ќе ги поканат своите фанови да бидат дел од ова искуство.

Видео најавата за годинешното, второ по ред, доделување на музичките награди на „Јутјуб“, закажано за 23 март, можете да ја погледнете во продолжение.



Врати се горе ↑