Видео

12 март, 2018

Јулија Самојлова ја претстави руската евровизиска песна „I Won’t Break“

„I Won’t Break“ или „Нема да се скршам“ е песната со која Јулија Самојлова конечно ќе добие шанса да ја претставува Русија на „Евровизија“. Имено, како што е познато, пејачката беше одбрана да ги брани боите на својата земја и лани во Киев, но тамошните власти ѝ забранија влез во Украина, па сето тоа резултираше со комплетно повлекување од натпреварот.

За среќа, рускиот национален сервис реши да ѝ се оддолжи на Јулија со тоа што ќе ѝ даде уште една шанса да се докаже на евровизиската сцена. „Оваа песна е за мене. Авторите дадоа сè од себе за да ги преточат моите мисли и чувства во музика. Не станува збор за нежна балада, туку за песна за силата“, изјавила Јулија за новата песна.

Имаме одличен изведувач, одлична песна и прекрасно шоу полно со значење. Како и секогаш, очекуваме многу од натпреварот кој е доста популарен во нашата земја. Русија се враќа!“, додал шефот на руската делегација, Јури Аксјута. 

„I Won’t Break“ е потпишана од истиот интернационален тим во состав: Леонид Гуткин, Нета Нимроди и Арие Бурштајн, кој ја продуцираше и минатогодишната „Flame Is Burning“. Гуткин, кој претходно пишувал песни и за други руски претставници, како што се Дина Гарипова и Полина Гагарина, изјавил: „Ова е мошне лична песна. Ова е песна за силата на Јулија која инспирира толку многу луѓе. Во песната се спомнува песочен замок што изгледа дека е кревок, но всушност е цврст како карпа“.

Официјалното видео за песната го снимал Алексеј Голубев, кој го режирал видеото и сценскиот настап на Полина Гагарина во 2015 во Виена. И покрај тоа што деталите за настапот остануваат тајна, Алексеј изјавил дека главната идеја е „метафора на животот, љубовта и, најважно, вербата“.

 

Извор и фотографии: eurovision.tv



Врати се горе ↑