Настани ImageProxy (2)

17 октомври, 2013

Јубилејно издание на Таксират 15

Петнаесет години по ред, Скопје во декември го снаоѓа нов „Таксират“. Наш „таксират“ е повторно да славиме… во име на музиката. Звучи неверојатно, но „Таксират“ петнаесет години успеа да го одржи приматот на најголемиот зимски фестивал во југоисточна Европа, а и оваа година имаме само една амбиција – да ги задоволиме вкусовите на нашата верна публика. 2013-та за нас започна со повеќе музички настани одржани во знакот на петнаесетгодишното постоење на „Таксират“, како увертира во она што нѐ очекува овој декември. Имаме голема чест и задоволство да најавиме дека пред нас е јубилејното петнаесетгодишно издание на фестивалот во кој влегуваме со уште поголеми очекувања од  претходно.

Сè уште имаме свежи сеќавања од неверојатните „Таксират“ денови поминати со одличните музичари, незаборавните концерти и единствената фестивалска енергија кои секоја година го претвораат Скопје во централно место за собирање на илјадници прекрасни луѓе од целиот регион.

За време на своето постоење, „Таксират“ успеа да создаде сопствен бренд со својата константна публика од 15.000 посетители. Судејќи по интересот на публиката, често пати оваа бројка можеше да биде и поголема доколку тоа го дозволуваше капацитетот на фестивалот.  Денес „Таксират“ е препознатлив настан кој ги промовира музичките артисти од домашната и светската сцена и кој покрај домашната публика, привлекува повеќе од 3.000 странски посетители на своите изданија. Научивме дека „таксиратот“ има и своја добра страна – дека нè тера да сториме сè за преку музиката да ги подобриме нештата и да ја стимулираме нашата креативност, не учи и мотивира да работиме и споделуваме – идеи, достигнувања и незаборавни искуства…

Доволно е да се каже дека фестивалот пречека повеќе од 400.000 посетители на досегашните изданија на главната фестивалска вечер и концертите во офф-програмата. Многу бендови првиот чекор во записот на современата македонска музичка сцена го направија токму со „Таксират“ – единствениот фестивал од Македонија кој ја освои наградата „Green’N’ Clean“ (2011), организирана од Европската фестивалска асоцијација YOUROPE и веќе пет години по ред е номиниран за Најдобар мал фестивал (Best small festival) и Најдобар фестивал кој се одржува во затворен простор (Best indoor festival) во изборот за Европските фестивалски награди (Europe Festival Awards).

Оваа номинација и годинава стигна на адресата на „Таксират“! Додека се подготвуваме за „Таксират 15“, не заборавајте дека гласањето за годинашните награди е отворено сè до 1-ви ноември 2013Доколку сакате „Таксират“ да се најде во финалето на 10 најдобри фестивали во Европа, својот глас можете да го дадете на овој линк http://euvoting.festivalawards.com, а како награда можете да освоите влезници за некои од најдобрите фестивали во Европа.

Време е за „Таксират 15“! Бидете подготвени за нови изненадувања.



Врати се горе ↑