Настани 10625163_10152893407976952_2044503240806746227_n

16 декември, 2014

Јубилејно 30. издание на „Рок фест“

По пауза од три години, најстарата рок-манифестација во земјава – „Рок фест“ утре и задутре (17 и 18 декември) ќе го прослави јубилејот од 30 години. Во рамките на првата натпреварувачка вечер ќе настапат групите „Палиндром“, „Колт“, „Смоук шејкерс“, „Тиви рејџ“, „Визија“ и гостите на вечерта – „Серпентин фајр“, кои победија на фестивалот во 2006 година. Оваа вечера ќе биде избран најдобриот бенд, кој ќе го прогласи жирито и чија награда ќе биде снимање на песна во „Рок ен рол студио“, а најдобриот гитарист ќе биде награден со електрична гитара „Јамаха“.

Втората е ревијална вечер каде што ќе настапат бендовите „Барбарела“, „Најн викс и „Памперс“, како и специјалниот гостин Јаков Дренковски, кој по подолга пауза од музичката сцена премиерно ќе изведе невообичаена триесетминутна програма, со рок-поемата „Седумте пеења на Пророкот“. Поемата е напишана во далечната 1987 година од неговиот долгогодишен соработник Љубомир Грбевски-Џери, а музиката за неа Јаков ја напиша 2012 година во Дубаи. Јаков, кој го нарекуваат „македонскиот Боб Дилан“ низ една библиска нарација ќе се обиде да ја долови милениумската константа на неправдата од страна на владетелите врз потчинетите…

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, а по повод јубилејот, влезот за сите посетители е бесплатен.



Врати се горе ↑