Настани 1518131_618713588187276_140738432_n

30 декември, 2013

Јубилеј со 10-часовна најпозитивна ТАКСИРАТ фешта

Во саботата во „Метрополис Арена“, повеќе од 6.000 посетители уживаа во петнаесеттото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кое заврши во раните утрински часови со сетот на детроитскиот техно диџеј Карл Крег. Во двете хали на фестивалот, Таксират повторно беше збирно место на илјадници прекрасни луѓе од Македонија, но и од околните земји, кои допринесоа на најпозитивен начин да ја затвориме музичката агенда на 2013 година. Завчерашнотo Таксират доживување беше и финално одбележување на славеничката година на фестивалот во чии знак се одржаа повеќе музички настани.

Фестивалската фешта започна уште со настапот на панк групата Лоши Деца, а потоа еуфоријата која ја наметнаа The Exploited со исклучителниот концерт, не стивна до крајот на фестивалската вечер. Преку одличните концерти на Мајке, ЛД Писотлеро и Гоце Саф, експлозивните и бунтовни Bernays PropagandaСамоил Радински, неуморливите и енергични The Locos,  ја понесовме вечерта до најголемото вжештување на атмосферата кое го посведочиме за време на настапот на неверојатните Дубиоза Колектив. Вечерта неуморно и во ист стил ја завршивме со концертот на Београдски Синдикат и потоа журката во „Денс Арената“ со Денис Ферер и Карл Крег.

Според кавлитетот на неверојатните, одлични концерти кои ни ги презентираа артистите кои беа дел од јубилејот, оставајќи го и последниот атом енергија на бината, Таксират 15 е едно од подобрите изданија на фестивалот до сега. Доаѓајќи пак со дел од програмата која пред сѐ е предизвик за оние со истенчен музички вкус, на наше особено задоволство повторно се покажа дека на наша страна ги имаме искрените вљубеници во музиката и во фестивалскиот дух, па дури и дека ТАКСИРАТ не е само фестивал туку и стил на живот.

Додека се сумираат впечатоците за секој од одличните настапи, за новите пријателства кои ќе ги паметиме како дел од Таксират 15, доживувањата од кои многумина беа дел – како танцувањето без престан до 5 часот наутро или кога The Exploited ќе ја почести публиката со пица за време на настапот на The Locos – најсвежите импресии се доказ дека за ТАКСИРАТ 15 уште долго ќе се раскажува!

Наскоро очекувајте ја фотогалеријата од ТАКСИРАТ 15 која ќе биде објавена на официјалните интернет страници на фестивалот.

Им благодариме на сите посетители, сите искрени поддржувачи на фестивалот, сите кои на било кој начин до сега биле дел од Таксират и со кои всушност сите заедно сме ТАКСИРАТ приказната на градот убав! Среќен 15ти роденден „таксиратлии“ и среќна Нова Таксират 2014 Година!

Фото: Емилија Маневска



Врати се горе ↑