3 ноември, 2013

„Јовано, Јованке“ во изведба на групата „Етнотрип“ од Словенија

Музиката не познава граници, а ритамот на нашето македонско срце кое чука во 7/8, отсекогаш инспирирал многу музичари и надвор од нашите граници. Токму нашата изворна музика ги освоила срцата на групата „Етнотрип“ (Ethnotrip) од Словенија, чиј прв официјален сингл е преработката на „Јовано, Јованке“.

Етнотрип ја сочинуваат Тјаша Шимонка (вокал), Миха Каваш (виолина), Александар Варга (бас), Примож Крамбергер (пијано), а како гости за нивните настапи се појавуваат Боштјан Баша (хармоника), Кристијан Мајцен (гитара), Урбан Колар (труба) и Марко Маркович – Маки (перкусии). Токму љубовта кон народната музика ги собра овие музичари на едно место, а покрај нивната домашна музика, изведуваат и народни песни од Унгарија, Хрватска, Англија, Србија, Македонија, Русија, како и теми чиј автор не е познат. Групата започна со работа во мај 2009 година, а по бројните настапи на домашни и странски концерти, во февруари годинава го издадоа својот деби албум насловен „Етнотрип“, на кој се најдоа бројни преработки на традиционални песни од различни европски земји.

Како и секоја млада група, така и „Етнотрип“ има желба својата музика да ја претстави пред што поголема публика. За нивниот прв сингл, темата „Јовано, Јованке“, групата сними и видео запис кој го претстави во август годинава. Нам навистина ни се допадна нивната верзија на оваа позната македонска песна, а како звучи и изгледа сето тоа можете да видите горе. Се надеваме дека ќе Ви се допадне, уживајте!



Врати се горе ↑