Видео

30 јуни, 2019

Јована Здравевска е новата македонска „Ѕвезда број 1“!

13-годишната Јована Здравевска од Битола е победничката на македонското музичко шоу „Ѕвезда број 1“, чие финале се одржа вчера во МНТ. Младата пејачка ја доби заслужената поддршка и максималните 12 поени од речиси сите членови од жиријата, а со победата доби договор со продукцијата „Арт 10“ и стан во Скопје. Таа го воодушевуваше и расплакуваше жирито уште од првата аудиција во родната Битола сè до вчерашното финале, каде што се натпреваруваше со уште 11 финалисти во првиот круг и со уште пет суперфиналисти во вториот круг.

Имено, за разлика од претходните гала-вечери, покрај редовното четиричлено жири составено од Александар Масевски, Елена Петреска, Сергеј Варошлија и Валентина Тодоровска – Вања, и продукциското жири (Бане Поповиќ и Пеце Стоикоски), во вчерашното финале имаше и уште едно 17-члено жири на чело со претседателката Тамара Тодевска и сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски. Меѓу членовите на ова жири се најдоа повеќе познати имиња како што се Григор Копров, Борче Нечовски, Вера Милошевска од „Љубојна“, Роберт Саздов, Лила Стојановска, Андреј Папаз, триото „Џентлмен“ и други.

Како што споменавме, во првиот круг настапија 12 финалисти, сите со потенцијал да блеснат и да си го најдат своето место на музичката сцена, а тие се: Барбара Ракичевиќ, Марија Цветановска, Зоран Милорадовски, Анастасија Аврамовска, Славица Ангелова, Сабина Мустафче, Милица Трајкова, Сара Гигова, Александра Трајческа, Кристијан Марковски, Ангела Илиева и, секако, победничката Јована Здравевска. Со првиот круг од гласањето, за победа продолжија да се борат само шест суперфиналисти, и тоа: Јована, Ангела, Анастасија, Сара, Барбара и Кристијан, кои настапија со по уште една песна.

Новата ѕвезда број 1 во првиот круг ја отпеа најпознатата француска песна на Селин Дион – „Pour que tu m’aimes encore“ – а во вториот се претстави со хитот „Back to Black“ од легендарната Ејми Вајнхаус, со која и ја споредуваа некои од членовите на жирито. Дека 13-годишната битолчанка е ѕвезда во подем забележавме уште првиот пат кога наидовме на нејзините одлични преработки минатата година, а продолживме да ги споделуваме нејзините изведби и годинава.

Најдоброто од Јована, но и од сите финалисти во оваа прва сезона на „Ѕвезда број 1“, допрва доаѓа, а ние ќе ги следиме во чекор и ќе ги поддржуваме сите наши музички ѕвезди! Организаторите веќе ја најавија и втората сезона на ова музичко шоу и истата е планирана за од семптември, но повеќе детали сигурно ќе бидат соопштени наскоро. Доколку го пропуштивте вчерашниот директен пренос на 1ТВ, финалето на „Ѕвезда број 1“ наскоро ќе биде објавено на Јутјуб, а дотогаш уживајте со новата македонска ѕвезда број 1 и нејзината изведба на евергринот „I Have Nothing“ од Витни Хјустон.

И.Ј. / Фотографии од преносот на 1ТВ



Врати се горе ↑