Македонија

14 март, 2019

Јордан Митев сними видео за хитот „Наздрави за љубов, наздрави за среќа“

„Наздрави за љубов, наздрави за среќа“, која Јордан Митев ја претстави непосредно пред новогодишните и божиќните празници, наскоро ќе си добие и своја екранизација, чие снимање заврши вчера во родниот Радовиш. Видеото првично беше најавено за во јануари, но светлината на денот ќе ја здогледа токму во овој период од годината заради многуте ангажмани кои нашиот пејач ги имаше токму околу празниците.

Овој пат Митев соработуваше со „Арт продукција“, а водејќи се според досегашната пракса, публиката со сигурност може да очекува високо квалитетно и професионално видео. Во неговата реализација учествуваа голем број на статисти, а како и секогаш, Јордан ќе ги истакне квалитетните и интересни места од неговото поднебје. Како главна локација беше одбран ресторанот „Тиамо гарден“ во Радовиш.

„Наздрави за љубов, наздрави за среќа“ уште од објавувањето во декември наиде на одлични реакции и во земјава и кај нашинците во странство, а промоцијата на новото видео можеме да ја очекуваме наскоро. За претстојниот период Митев најави снимање на уште едно видео, надвор од границите на нашата земја, но сè уште не сака да открие за што станува збор.



Врати се горе ↑