Видео

16 јануари, 2018

Јоце Панов си го отвори срцето во „Кога те нема“

„Ова ми се најтажните, најтешки празници досега“, рече Јоце Панов, кој за Бадник и Божиќ ја промовираше својата најнова песна „Кога те нема“, посветена на неговата покојна мајка Василка, која почина минатата година, па пејачот за првпат го дочека Божиќ без неа.

Песната „Кога те нема“ решил да ја промовира токму сега, затоа што сакал да го задржи споменот на мајка си, а тоа што го чувствува за неа, а и емоциите што ги имал додека ја пишувал, да ги сподели со публиката. „Секогаш моите нови песни ги објавувам со големо задоволство, ама оваа песна ја објавувам со голема тага, но во исто време и гордост за мојата најмила мајка. Сите ние во текот на животот губиме некого кој многу ни значи. Се надевам дека песнава ќе допре до сите вас“, додаде тој.

„Кога те нема“ Јоце ја работеше заедно со Блаже Темелков, со кого ги напиша музиката и текстот, аранжманот и сите гитарски делници се на Дарко Тасев, а придружните вокали ги отпеа Сара Пројковска, додека миксот и мастерингот ги направи Љупчо Павловски во музичкото студио „Анастасија“. Видеото, пак, е дело на Дарио Јанковиќ и „Генерал филм“, а се снимаше на повеќе локации на Пелистер и Ниже Поле.

„Им благодарам што имаа огромно срце и ми ја подарија оваа песна и нивниот труд како дар. Ви благодарам добри луѓе“, заклучи Јоце, а неговото најново музичко дело ве очекува во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑