Настани

4 јули, 2017

Јелена Розга викендов во Гевгелија и Охрид!

Петок, 7 јули, ноќниот клуб „Де Факто“ во Гевгелија ќе биде првиот домаќин на хрватската поп кралица, каде Розга заедно со својот бенд во живо два часа ќе ги забавува присутните посетители со своите најголеми хитови, како и песните од новиот албум „Модерна жена“, кои промотивно ќе ги изведе во Македонија! Интересот е веќе голем, па се очекува рекордна посетеност во клубот „Де Факто“, во кој на концертот на Розга ќе дојдат не само гевгеличани, туку и жителите на Неготино, Демир Капија, Валандово, Дојран, Богданци, Струмица…! 

Следниот ден, 8 јули 2017, следната адестинација на сплитското цунами е клуб плажата „Кадмо бич“ во Охрид. Клубот на ланските настапи беше преполн до последното место, а речиси четири илјадната публиката во делириум едвај чекаше да ги запее рефрените на  најголемите хитови на хрватската музичка ѕвезда.

Само таа, па заедно со публиката, па публиката сама… ги пееја песните и рефрените на нејзините најголеми хитови:   „Нирвана“, „Соло играчица“, „Бижутерија“, „Размажена“, „Роба са грешком“, „Циркуз“, „Цунами“, „Живот је чудо“, „Окус ментола“ , „Краљица“… како и дел од најголемите хитови од репертоарот на нејзината некогашна група „Магазин“, чиј вокал сексапилната „поп кралица“ беше со години. Враќајќи ја на бис, публиката едноставно не сакаше да си замине од концертот, а Розга заедно со своите фанови пееше, танцуваше, комуницираше, делеше автограми, се фотографираше… уште долго, долго во ноќта.

Така, и уште подобро се очекува да биде и оваа сабота. Сплитското музичко цунами ветува дека ќе направи се охриѓани да заборават на земјотресите, да се опуштат и да се препуштат на забавата! Следниот месец следуваат и уште неколку концерти од нејзината летна турнеја во земјава, меѓу кои први се: на 11 август во Куманово и на 12 август настапот на „Струмица опен фестивал 2017“!



Врати се горе ↑