Балкан

29 јануари, 2019

Јелена Розга го остави срцето во новата балада „Мојата пролет“

Хрватската поп-дива Јелена Розга денеска премиерно ја претстави песната и видеото за нејзината најнова балада насловена „Моје прољеће“, со која ќе се претстави и на вечерашното прво доделување на регионалните музички награди во Белград.

Розга за првпат соработува со сосема нова екипа, во која покрај популарната Емина Јаховиќ, која ги потпишува музиката и стиховите на песната, се појавуваат и нашиот Дарко Димитров, кој го работеше аранжманот и мастерингот на песната, додека придружните вокали во неа ги пее нашата Антонија Гиговска.

„Овој пат не ви донесов песна… ви го носам моето срце, емоции, живот. Годините низ кои чувствувам споени во неколку минути. Ова не е моја песна, јас сум нејзина. И тоа за првпат. Пуштете ја утре силно, гласно. Дали ќе почувствувате исто што и јас?“, со овие зборови хрватската поп-дива им се обрати на своите обожаватели, очигледно видно возбудена пред премиерата на оваа ретко трогателна балада.

Дека емоциите навистина ја погодиле, кинејќи ѝ ја душата, Розга покажува и во самото видео, каде отворено ги покажува сите свои чувства, споделувајќи ги со своите фанови. За едноставниот, но мошне ефектен видеоспот и овој пат се погрижил нејзиниот стар соработник со својата екипа, режисерот Дарио Радусин.

„Оваа песна ви ја посветувам вам… на сите жени кои проживеале љубов, болка, среќа и тага. Вам, кои сте осетиле што може да донесе животот…“, напиша Розга претставувајќи ја новата балада, а како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑