Македонија marko i  ljiljana

18 јули, 2014

„Јелен Демофест“: Гобац и Рамбо Амадеус со комплименти за скопскиот бенд „Визија“

Македонскиот бенд „Визија синоќа, настапи на балканскиот фестивал „Јелен Демофест“ во Бања Лука  и остави одличен впечаток. Иако бендот не се пласира во финалето, кое ќе се одржи утревечер,  доби позитивни критики од членовите на  жирито, меѓу кои беа и познатите Давор Гобац од Психомодо поп и Рамбо Амадеус.

„Бендот е симпатичен и кул, а пејачот е појава и толку е убав што и Рамбо кога го виде ми шепна ’види го колку е убав, како фотографија’“, во свој стил ни изјави Гобац.

Членовите на „Визија“ беа мошне задоволни од својот настап, а и од самата организација на фестивалот, која според нив била совршена: „Среќни сме што се најдовме на овој извонреден фестивал, на кој настапивме со многу добри бендови од цел регион, а и рамо до рамо со светски познатите ’Гуано ејпс’, хрватите ’Хладно пиво’ и други. Првенствено сме најсреќни што од околу 400 пријавени бендови  од цел Балкан бевме избрани меѓу 30-те кои се натпреваруваа“, велат тие.

Пејачот на бендот при самото појавување ја поздрави публиката на македонски јазик, нагласувајќи дека поминале 800 километри пат од својата гаража до таа сцена, само да се сретнат со прекрасната бањалучка публика, која даде силни овации за нивната изведба.

„Визија“ создаваат алтернативен  експериментален рок. Ова беше нивниот втор фестивалски настап, по настапот на „Зајечарска гитаријада“. Овие момци имаат уметнички гени во себе- пејачот Марко Гапо, студент на Музичка академија  е внук на режисерот Бранко Гапо, гитаристот Марко Џамбазоски, студент на Драмски уметности, е син на новинарот и музичар Панта Џамбазоски, гитаристката Лилјана Јанкова, студентка по архитектура, е ќерка на Петар Јанков, гитарист  од „Архангел“, а  тапанарот Синиша Ѓоргевиќ е исто студент на Музичка академија.

Фестивалот „Јелен Демофест“ трае три дена, од 17 до 19 јули, на тврдината Кастел. Во двете полуфинални вечери се натпреваруваат по 15 бендови, а во финалето ќе влезат најдобрите десет  и ќе се борат за награди од 5 000, 3 000, 2 000, евра и музички инструменти. Како дел во ревијалната програма на одличниот бањалучки „Јелен Демофест“ се „Гуано ејпс“, Макс Ромео, „Хладно пиво“, „Бренд њу хевис“ и други, но и  кавадаречкиот бенд „Смоук шејкерс“  кои минатата година ја освоија третата награда. Има и други придружни програми, и арт стрип изложби, предавања и панел дискусии.

Оваа година средствата од фестивалот ќе бидат наменети за настраданите од поплавите. Изминативе години на „Јелен Демофест“ се најдоа и Кирил Џајковски, „Суперхикс“ и други македонски музичари, а Влатко Стефановски беше во жири во 2012 година.

Валентина Ѓоргиевска Парго



Врати се горе ↑