Македонија 21.03japon1

22 март, 2013

Јапонскиот бас Казухиро Котецу ја отпеа „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“

Поканети од нашиот тенор Благој Нацоски, јапонските уметници предводени од режисерот и продуцент Казухиро Котецу (бас) одржаа два концерта во Скопје и Битола и понудија одлична изведба на дела од Шуман, Шопен, Верди, Рахманинов, Пучини… Деветте јапонски уметници од Токиската опера, пијанисти и оперски пејачи, добија заслужен аплауз, иако посебно одушевување кај македонската публика предизвика одличната изведба на македонската патриотска песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која не само што беше наградена со бурен аплауз и овации, туку и ги крена присутните на нозе. За бис публиката имаше можност да слушне и песна на јапонски јазик.

Самиот концерт беше најавен од нашиот светски познат оперски пејач и иницијатор на концертот, Благој Нацоски, кој и самиот имаше успешна двонеделна турнеја во Јапонија. Иако призна дека не сака говори, духовито потенцирајќи дека особено не сака многу да зборува во време на изборни кампањи кога многу се држат говори, сепак го посочи значењето на јапонско-македонската соработка за уметниците од двете земји.

„Јапонскиот продуцент и режисер Казухиро Котецу, кој воедно е и претседател на Токиската опера, ми откри дека обично во другите земји често има проблеми со организацијата. Со Македонија, како што вели, се одеше како подмачкано“ – истакна Нацоски за Вечер.

Дел од својот престој во Македонија Котецу ќе го искористи и за аудиција за млади оперски пејачи од МОБ за евентуални настапи во Јапонија. Концертот е во организација на Дирекцијата за култура и уметност Скопје и во соработка со МОБ и Македонската филхармонија.

Благодарение на Благој Нацоски, во продолжение можете да ја погледнете прекрасната изведба на „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ од басот Казухиро Котецу.

Во продолжение може да погледнете уште едно неверојатно видео од јапонски хор како ја изведува македонската „Што ми е мило“, поставено на ЈуТјуб исто така од македонскиот тенор за почит Благој Нацоски.

Извор: Вечер/Таратур



Врати се горе ↑