10 март, 2017

Јана во Киев ќе „Танцува сама“

Стигна долгоочекуваната премиера на песната со која Јана Бурческа ќе нè претставува на 62. издание на „Евровизија“ што ќе се одржува од 9 до 11 мај во Киев. Според она што имавме можност да го видиме и слушнеме во специјалното издание на емисијата „Стисни плеј“, евровизискиот пакет е навистина со светски квалитет, а песната насловена „Dance Alone“ веднаш влегува во уво и сигурни сме дека ќе им биде една од омилените на евровизиските фанови.

Како што е познато, и годинава автори од целиот свет имаа можност да ги праќаат своите композиции во МРТ, на чија адреса пристигнаа над 250 песни. После преслушувањето, во потесен избор влегоа само 10, но како што рече шефицата на македонската делегација, Мери Попова, „Dance Alone“ веднаш им остави најсилен впечаток, а што е уште поважно, одлично ѝ прилега на Јана.

16640580_1262529713784043_3717493616604965705_n

„Dance Alonе“ е дело на доста познат меѓународен авторски тим, кој твори под името „Симфоникс интернејшнал“ (Symphinics International), а интересно е тоа што еден од нив е и авторот на нашата евровизиска песна од 2014 година („Лисја есенски“, Даниел Кајмакоски), Швеѓанецот Јоаким Персон. Песната се снимаше во градови ширум целиот свет, меѓу кои Лондон и Њујорјк, а мастерингот е направен во Берлин. Визуализацијата на „Dance Alonе“, пак, се снимаше во познатиот филмски град во Софија, соседна Бугарија, во режија на младиот руски режисер Сергеј Железко.

Секако дека „Евровизија“ не би била тоа што е без спектакуларните сценски настапи, а за сето тоа Јана ќе се подготвува со шведската кореографка Амбра Сучи, која е „виновна“ и за победничката „Еуфорија“ на Лорин во 2012 година. За изгледот на Јана, пак, ќе се погрижат веќе докажаната македонска дизајнерка Антонија Ристовска и стилистот Александар Билјановски – Дадар, додека за промотивните фотографии се погрижија Ани и Дими.

16832293_10154527424881559_1659534210253022191_n

Во наредниов период ќе следат финалните подготовки за Киев, како и промотивна турнеја, во чии рамки Јана ќе настапи во Лондон, Тел Авив и Амстердам. Годинешното евровизиско патешествие за македонската делегација започнува на 1 мај, а Јана ќе „танцува сама“ во втората полуфинална вечер на 9 мај. Среќно!

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑