Македонија jana

21 април, 2017

Јана е сигурна дека ќе влеземе во финале

За десетина дена, македонската делегација ќе замине во Киев, каде што од 9 до 13 мај ќе се одржува 62. издание на „Евровизија“, а нашата претставничка Јана Бурческа интензивно се подготвува за евровизискиот настап. Она што особено ги интересира речиси сите евровизиски обожаватели е секако самиот настап, односно како „Dance Alone“ ќе изгледа на сцена. Како што е познато, за сето тоа ќе се погрижи шведската кореографка Амбра Сучи, која деновиве претстојуваше во Скопје.

„Можам да откријам само дека целокупното претставување во Киев ќе биде сензуално, но не сакам да откривам детали“, изјави Јана за „Вечер“, додавајќи дека песната ѝ е веќе легната и извежбана, како и дека активно работат на промоција низ цела Европа. „Ме радува фактот што каде и да одам, сите ја пеат ’Dance Alone’ во еден здив со мене“.

jana2

Доказ за тоа се и снимките од промотивната турнеја, во чии рамки настапи на евровизиските забави во Лондон, Тел Авив и Амстердам, каде што веќе може да се чуе и скратената верзија на песната, бидејќи според правилата не треба да биде подолга од 3 минути, па наместо воведниот дел веднаш почнува со рефрен. Се надеваме дека тоа нема да им го наруши впечатокот на евровизиската публика, која веќе подолго време „Dance Alone“ ја сместува меѓу фаворитите за годинава.

„Тоа што се смета за фаворит воопшто не ми создава притисок, туку силно ме мотивира да го дадам најдоброто од себе во Киев“, рече таа и додаде дека е „сигурна дека ќе влеземе во финале. Тоа можам да го ветам. Не сакам да заминам во Киев со големи очекувања, тоа некако ме преоптоварува. Сепак, среќна сум што после толку време домашната публика е едногласна во ставот дека им се допаѓа евровизиската песна и тоа ми е најважно“, заклучи Јана.

C9OEYmpXsAAc975

Заради неодамнешното повлекување на Русија, чија претставничка требаше да настапи во втората полуфинална вечер под реден број 3, нејзиното место ќе го заземе токму Јана, која првично ќе настапуваше четврта. Делегациите на 42-те земји учеснички во Киев ќе пристигнат на 1 мај, кога ќе почнат и првите проби за трите фестивалски вечери закажани за 9, 11 и 13 мај. Среќно!



Врати се горе ↑