Свет

12 ноември, 2018

Јакната на Мајкл Џексон продадена за 298 илјади долари

Црната јакна која Мајкл Џексон ја носеше на неговата прва соло-турнеја „Bad“, викендов била продадена на аукција по цена трипати поголема од првично побараната, пренесе „Ројтерс“. Заедно со лични предмети од музички легенди како што се Принс, Мадона и Џон Ленон, аукциската куќа „Џулиенс окшнс“ (Julien’s Auctions) ја понудила јакната на Џексон за 100.000 американски долари, а ја продала за дури 298 илјади.

Освен што е второто најпознато парче облека на Џексон, после неговата црвено-црна јакна од „Трилер“ што во 2011 година се продаде за 1,8 милиони долари, дополнителна важност добива и заради тоа што на грбот со сребрен маркер стои потписот на легендарниот музичар.

Насловена по истоимениот албум и хит-сингл, турнејата „Bad“ (1987-1989) e втората најуспешна турнеја во осумдесеттите, со заработувачка од 125 милиони долари, а во Гинисовата книга на рекорди беше забележана како турнеја со најголема заработувачка во историјата и со најголема посетеност (4,4 милиони посетители).

 

На аукцијата насловена „Икони и идоли“, биле продадени и електрични гитари на кои свиреле Боб Дилан, Пол Макартни, Ерик Клептон и членовите на ирскиот бенд „Ју-ту“ – Еџ и Боно. Гитарата која Принс ја користел на неговиот последен настап во 2016 година била продадена за 156.250 долари, а неговата јакна што ја носел во филмот „Пурпурен дожд (Purple Rain), се продала за 37.500 долари.

 



Врати се горе ↑