Настани 0900e297-25b1-49de-8b33-4142a630aae5

6 март, 2015

Јадран ќе врие! „Продиџи“ на Јаз во рамките на „ЕГЗИТ“ Авантурата!

Најголемиот светски електронски бенд тргнува на морска авантура!

Најзначајниот светски електронски состав „Продиџи“ (The Prodigy), во среда на 15 јули ќе настапи на Јаз во рамките на морското поглавје на „Егзит“ Авантурата и со што ќе ја надополни овогодишната прослава на 15. роденден на „Егзит“, како и неодамна освоената историска титула на „Си денс“ (Sea Dance) за „Најдобар европски фестивал“! Премиерниот настап на Јаз, воедно е и светска ексклузива за Балканот, бидејќи „Продиџи“, во рамките на светската турнеја по повод промоцијата на новиот албум, ќе настапува само на одбрани, најголеми европски и светски фестивали. Шестото студиско издание насловено „The Day Is My Enemy“ излегува на 30 март и доаѓа по албумот „Invaders Must Die“, со кој четврти пат по ред групата го освои првото место на британската листа на албуми! Во четврт век долгата музичка кариера, „Продиџи“ продадоа повеќе од 25 милиони албуми, а нивните спектакуларни концерти се препознатливи по нивната неверојатна еуфорија.

 

Фестивалот „Си денс“, како дел од големата „Егзит Авантура“, оваа година ќе се најде рамо до рамо со светските фестивали на кои ќе настапи „Продиџи“, како што се британските гиганти „Ти ин д парк“ (T in the Park) и „Ајл од вајт“ (Isle of Wight), најмасовните германски настани „Рок ам ринг“ (Rock Am Ring) и „Рок им парк“ (Rock Im Park), австралискиот „Фјучр мјузик“ (Future Music), белгискиот „Рок верхтер“ (Rock Werchter), шпанскиот „Беникасим“ (Benicassim) и многу други. По 2013 година, кога го соборија рекордот на посетеност на главната бина на „Егзит“ фестивал со околу 40.000 еуфорични фанови, оваа година се очекува „Продиџи“ на првиот настап во Црна Гора да постави нови рекорди за Јаз по концертите на Мадона и „Ролинг стоунс“.

„Продиџи“ всушност се Лиам Хаулет (Liam Howlett), Кит Флинт (Keith Flint) и Максим (Maxim), кои на концертните настапи ги следат и гитаристи, тапанари и други музичари. Дебитантскиот сингл „Charly“ се најде меѓу првите три најслушани во Велика Британија, што беше одлична увертира пред објавувањето на првиот албум „Experience“, таа година еден од десетте најдобри во Велика Британија. Но сè засекогаш промени еден од најважните албуми на 20. век, „Music for the Jilted Generation“, со кој цели генерации израснаа на хитовите како „Voodoo People“, „No Good“, „Their Law“, „One Love“ или „Poison“. Следниот албум „The Fat of the Land“ донесе пробив на американскиот пазар и покрај британската, го освои и првото место на американската листа на најдобри албуми со хит сингловите „Firestarter“, „Diesel Power“ и неизбежната „Smack My Bitch Up“ проследена со контроверзен спот.

Подоцна и следните два албуми „Always Outnumbered, Never Outgunned“ и споменатиот „Invaders Must Die“ ги освојуваат првите места на топ листите, а „Продиџи“ го започнуваат и фестивалот „Вориорс денс“ (Warriors Dance) фестивалот во Јапонија, кој година подоцна ќе го одржат и во славниот Милтон Кејнес (Milton Keynes) пред околу 70.000 фанови. Сето тоа беше надополнето и со одличниот концертен албум и дивиди/блу-реј издание „World’s on Fire“, а дури две следни изданија на овој фестивал се одржаа во Србија, на Калемегдан во 2012 и на „Егзит“ 2013! Од Калемегдан сè уште се раскажува големата журка во бекстејџот кога славниот Скрилекс во просториите зад бината пушташе музика по концертот, додека Лиам, Кит и Максим се забавуваа со пријателите од целиот свет! Време е за првиот, историски настап во Црна Гора, за новите рекорди на „Егзит“ Авантурата и незаборавните анегдоти за бендот и патниците од целиот свет кои доаѓаат на Јаз!

Најпопуларната локација на минатогодишниот „Си денс“, плажата „Денс парадајс“ (Dance Paradise) од 15 до 18 јули ќе се претвори во европски центар на современата денс музика со некои од најсвежите електронски стилови со напредна продукција. Меѓу првите потврдени имиња се претставниците на популарната музичка платформа „Д саунд ју нид“ (TheSoundYouNeed), британското хит диџеј дуо „Бондакс“ (Bondax), ремикс мајсторот „Стар Слингер“ (Star Slinger), францускиот човек-бенд „Еф-кеј-џеј“ (FKJ) и бејс (bass) хитмејкерот „Ти-си-ти-ес“ (TCTS) од Манчестер. Ним им се придружуваат и членови на американскиот музички колектив „Кру лав“ (Crew Love), фамозното бостонско диџеј дуо „Соул клеп“ (Soul Clap) трочлениот калифорниски бенд „Пилоу ток“ (PillowTalk) и „frisco-disco“  диџејот Ник Монако (DJ Nick Monaco).

Влезниците за фестивалот „Егзит“ се достапни по цена од 3.599 денари, а за „Си Денс“ 2.240 денари. Единствената влезница за повеќе од десет дена на „Егзит“ Авантурата од Петроварадин до Јаз, може да се набави за само 4.299 денари преку продажната мрежа на МКтикетс или во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат). За сите кои сакаат покрај влезниците на време да го осигураат и сместувањето на двата фестивала, пакетите можат да ги најадат на сајтот www.exittrip.org, официјалната туристичка агенција на „Егзит“.



Врати се горе ↑