13 мај, 2018

Израел триумфираше на „Евровизија 2018“

Мазел тов, Израел! Со вчерашниот триумф на талентираната Нета Барзилаи и нејзиниот хит „Toy“, Израел ја забележа својата 4. победа на „Евровизија“, точно 20 години по Дана Интернејшнал (Diva, 1998) и 40 години по Изар Коен и групата „Алфабета“ (A-Ba-Ni-Bi, 1978), што воедно беше и прва победа за оваа земја. Иако беше неизвесно до самиот крај на гласањето, обложувалниците беа во право дека главната битка ќе се води меѓу Израел и Кипар, чија претставничка Елени Фуреира со темата „Fuego“ го освои второто место. Со освоените 529 поени, Нета сепак не успеа да го собори рекордот на Салвадор Собрал, чија победа лани беше извојувана со неверојатни 758 поени, а Елени Фуреира остана зад неа со 436 поени.

 

Меѓу првите пет се најдоа и Австрија, Германија и Италија, со 342, 340 и 308 поени, а од регионот највисок пласман освои албанскиот претставник Еугент Бушпепа, чија тема „Mall“ се најде на 11. место, бугарската група „Еквинокс“ го освои 14. место, српските претставници „Балканика“ го освоија 19. место, додека Словенката Леа Сирк 22. место. Последна, со само 39 поени, остана претставничката на домаќинот Португалија, Клаудија Паскоал.

The final result of the 2018 Eurovision Song Contest.

Со 283 поени, Израел го освои првото место и во првата полуфинална вечер, а на второто место и овде се најде Кипар, со 262 поени. Со само 24 поени, Македонија во ова полуфинале се пласираше на претпоследното 18. место, а понизок пласман од нас имаше само исландскиот претставник Ари Олафсон (резултатите од двете полуфинални вечери овде).

63. издание на „Евровизија“ годинава за првпат се одржа во Португалија, откако минатата година победи баладата „Amar pelos dois“ на Салвадор Собрал. Пејачот имаше свој настап и во рамките на вчерашното финале, изведувајќи го новиот сингл „Mano a mano“, како и победничката тема, но овој пат во дует со бразилскиот колега Каетано Велозо.

 

Инцидентите за време на директен пренос во живо не се невообичаени, а токму тоа ѝ се случи на британската претставничка Сури, чиј настап го наруши непознат маж од пуликата, кој се качи на сцената и  ѝ го грабна микрофонот извикувајќи: „Сите нацисти од британските медиуми, бараме слобода, војната не е мир!“ Пејачката сепак остана смирена и продолжи да пее откако обезбедувањето се погрижи за натрапникот, а организаторите ѝ понудија уште еднаш да ја отпее песната, но таа одбила.

 

Сè на сè, уште едно одлично издание на популарниот европски фестивал, кој следната година се сели во Израел, а дали Македонија повторно ќе учествува и кој ќе ги брани нашите бои на „Евровизија 2019“ ќе дознаеме в година.

И.Ј.



Врати се горе ↑