Македонија mile-kuzmanovski

9 август, 2014

Избрани музичарите кои ќе пеат за државни субвенции

Заврши вториот конкурс на Министерството за култура за субвенционирање на македонските музичари со цел стимулирање на македонската музика. Македонската радио-телевизија ја објави листата за избор на изведувачи односно на нови композиции од вториот објавен квартален конкурс за 2014 година. Комисијата во состав Радица Митиќ, Ристо Апостолов, Методија Автовски, Томислав Таневски, Тоде Спасовски, Никола Фириев и Благоја Здравковски констатира дека на  конкурсот аплицираа вкупно 113 композиции во повеќе категории.

Најголема финансиска поддршка од државата добиваат изведувачите во категоријата „Ѕвезди“, а по Есма и Владо Јаневски кои се најдоа во оваа категорија во првиот конкурс, овој пат тоа се познатиот композитор Роберт Саздов од Куку Леле и пејачот Миле Кузмановски. Саздов и Кузмановски ќе добијат по 4500 евра, 3000 за звучно снимање на песната и 1500 евра за видео запис.

За афирмација на семејните вредности ќе пеат Елвир Мекиќ, кој се потпишува и како композитор, и Елена Петреска-Толевска, која во моментот го очекува своето прво дете. На листата доминира познатиот автор Кристијан Габроски со дури четири примени композиции, а познатиот композитор Јован Јованов, пак, се потпишува зад една композиција во категоријата народна музика, како и поп-пејачот Ѓорги Крстевски.

Единствен „Врвен изведувач“ од забавната музика на овој конкурс е Ламбе Албакоски, кој добива 3000 евра, од кои 1500 евра се за создавање на композицијата и за изработка на аудиозапис, а втората половина за видеоспот. Целосната листа на изведувачи и композитори може да ја погледнете овде.

МРТ ја објави и листата на одбиени композиции и изведувачи, меѓу кои се најдоа Тамара Тодевска, Ѓоко Танески, Слаткаристика, Нокаут, ДНК, Лозано, Сара Мејс, Мики Секуловски и други, а целосната листа можете да ја видите тука.

 



Врати се горе ↑