Македонија logo_jesc-15

18 септември, 2015

Ивана Петковска и Магдалена Алексовска ќе ја претставуваат Македонија на детската Евровизија

Македонската Радио Телевизија деновиве одржа аудиции за претставници на годинешната детска Евровизија, која ќе се одржи во ноември во Софија, соседна Бугарија. По пауза од една година, Македонија повторно се враќа на јуниорската евровизиска сцена, а боите на нашата земја ќе ги бранат 13-годишните Ивана Петковска и Магдалена Алексовска од Скопје. МРТ најави повеќе информации за следната недела.

Инаку, Македонија учествува овој натпревар уште од првото издание во 2003 година, а направи пауза во 2012 и 2014 година. Најдобриот пласман досега е 5. место, постигнато два пати – првиот пат во 2007 година, кога нè претставуваа Росица Кулакова и Димитар Стојменовски со „Ding Ding Dong“, а вториот пат следната 2008 година кога наш претставник беше Боби Андонов со песната „Прати ми СМС“. Најлош пласман, односно последно место, исто така имавме два пати од кои првиот во 2006 година со Зана Алиу и песната „Вљубена“, која се пласираше на 15. место, а вториот пат беше во 2013 година, кога боите на нашата земја ги бранеше Барбара Поповиќ со песната „Охрид и музика, пласирајќи се на 12. место.

 

Македонија ќе учествува и на „Евровизија 2016“, но претставникот нема да биде победникот на „Скопски фестивал“

Македонија го потврди и учеството на 61. издание на „Евровизија 2016“, меѓутоа повторно ќе има измени во врска со изборот на претставник. Иако минатата, односно оваа година го пративме победникот на „Скопски фестивал“, МРТ деновиве одлучи дека претставникот ќе се бира одделно од фестивалот, кој годинава ќе се одржи на 12 ноември и ќе има натпреварувачки карактер. Трите првопласирани композиции ќе добијат вредни парични награди, а за пласманот ќе одлучува и публиката и жири. Kомпозицијата со најмногу гласови ќе освои 600.000 денари, втората ќе освои 450.000 денари, а третата 300.000 денари.

Инаку, благодарение на годинешниот победник Монс Зелмерлоу, кој му ја донесе 6. победа на својата земја, „Евровизија 2016“ ќе се одржи на 10, 12 и 14 мај во Стокхолм, Шведска. Овој град по трет пат ќе биде домаќин на популарниот фестивал, откако тоа го направи во 1978 и 2000 година, а манифестацијата по втор пат ќе се одржи во арената „Ериксон глоуб“. На прелиминарниот список засега се наоѓаат 35 земји, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Бугарија, Украина и Турција: БиХ се враќа по пауза од 3 години, Бугарија после 2 години, а Украина по 1 година. Секако дека најголемото изненадување е враќањето на Турција, која во 2012 година се откажа од натпреварот, а како причина за тоа го наведе незадоволството од привилегираниот третман на земјите од „големата петка“ – Велика Британија, Франција, Италија, Германија и Шпанија, чии претставници секогаш се натпреваруваат директно во финале.

Покрај Македонија, Бугарија и БиХ, од балканските земји ќе учествуваат и Грција и Словенија, а Хрватска, која паузира веќе неколку години, би можела да се врати во натпреварот со победничката на хрватската верзија на „Гласот“ (The Voice) – Нина Краљиќ, додека сè уште се чека на официјален одговор од Србија, Црна Гора и Албанија. По еднократното учество по повод јубилејот од 60 години, Австралија сè уште е во преговори да стане постојана учесничка на фестивалот, а голем е интересот за учество и на Кина, Косово, Фарските Острови и Лихтенштајн.

И.Ј.



Врати се горе ↑