Концерт

1 февруари, 2018

Италијански трибјут-бенд на „Депеш мод“ доаѓа во Скопје

Италијанската група „Сникерс“ (Sneakers), која е официјален трибјут-бенд на познатиот британски состав „Депеш мод“ (Depeche Mode), на 16 февруари доаѓа во Скопје. Групата ќе одржи концерт во малата сала на ВИП-арената „Борис Трајковски“. Картите за овој спектакл веќе се пуштени во продажба по цена од 250 денари, која важи до 4 февруари, а веќе од наредниот ден тие ќе чинат 350 денари. Влезниците може да се набават во „Југотон“, во градскиот трговски центар во Скопје, како и преку продажната мрежа на „Тикет плус“.

Групата „Сникерс“ е оформена во 1995 година и за кратко време го надраснува стереотипот на трибјут-бенд, станувајќи сериозна атракција на италијанската музичка њувејв-сцена. Бендот се фокусира на својата окупираност во чест на веројатно најрепрезентативниот бенд на целата електро-поп и њувејв-сцена „Депеш мод“.

 

Како изведувач, „Сникерс“ е единствен и по своите настапи, кои вклучуваат видео, светлосни ефекти и многу оригиналност. Момците се сметаат за најдобриот трибјут-бенд на „Депеш мод“, а во својата досегашна кариера тие имаат настапувано на голем број фестивали и клубови во Италија, Белгија, Франција, Швајцарија, Турција, Романија, Австрија, Бугарија…

Низ годините членовите на „Сникерс“ имаа неколку можности да ги сретнат своите идоли. Во октомври 2004 година тие конечно ги сретнаа „Депеш мод“, кои ги почестија со титулата „еден од најдобрите трибјут-бендови што воопшто се видени“.



Врати се горе ↑