Видео

14 мај, 2017

Историски триумф за Португалија на „Евровизија 2017“

После половина век учество на популарниот европски фестивал, Португалија конечно успеа да триумфира на Изборот за песна на Евровизија, сето тоа благодарение на 27-годишниот Салвадор Собрал и безвременската балада „Amar Pelos Dois“ (Љуби за двајцата), потпишана од неговата сестра Луиза Собрал. Песната доби најмногу гласови и од стручните жирија и од публиката, поставувајќи и нов рекорд во евровизиската историја со освоени вкупно 758 поени (378 од жиријата и 407 од телефонското гласање). 

Иако речиси два месеца фаворит за победа беше Италија, „Кармата на Западњаците“ заврши дури на 6. место, а до последен момент доста веројатна изгледаше победата на соседна Бугарија, чиј претставник Кристијан Костов собра 615 поени, пласирајќи се на второто место, што воедно е и нов најдобар пласман после минатогодишното 4. место на Поли Генова. Може да се каже дека најголемото изненадување дојде од Молдавија, која со песната „Hey Mama“ го освои високото трето место, на четврто е белгиската „City Lights“ на Бланш, а на петто е Швеѓанецот Робин Бенгтсон со „Can’t Go On“.

12

Гласовите од македонското жири, кое не даде ниту еден поен за Хрватска, а 12-ката ја додели на Бугарија, се следните:

3

Интересно е тоа што исто како и Украина, Португалија победи откако се врати во натпреварот по пауза од една година. Исто така, 13 мај е и португалски празник кога католичките верници одат на аџилак во градот Фатима, каде што во 1917 година Богородица им се појавила на три девојчиња, а токму вчера беа одбележани 100 години од овој настан. Овој датум воедно е наречен и денот на чудата.

Како и да е, баладата на Салвадор е вистинско освежување не само за евровизиската, туку и за светската музичка сцена. Со својата едноставност и искреност силно им се спротистави на, како што ги нарече тој, „фаст-фуд песните“, а докажа и дека навистина не е важно на кој јазик ќе се отпее бидејќи музиката е јазик што го разбираат сите.

 

Како се пласираше Македонија во полуфиналето?

Иако важеше за еден од фаворитите, „Dance Alone“ на нашата претставничка Јана Бурческа не успеа да се квалификува за финале. Имено, таа настапуваше во второто полуфинале под реден број три, а сега, по завршувањето на натпреварот можеме да видиме и каков бил пласманот за таа вечер – со освоени 69 поени, Македонија го освоила 15. од вкупно 18 места.

2

Ако е за утеха, Македонија сепак влезе во евровизиската историја како прва земја чија претставничка доби понуда за брак во текот на преносот во живо. После петти последователен, а вкупно осми пат без пласман за финале, повторно се прашуваме каде грешиме и дали вината е во нас? Дали сепак станува збор за политика или пак се губиме во сè поголемата конкуренција? Треба ли да се откажеме или барем да направиме пауза? Имаме барем половина година да размислиме за тоа, а со нас или без нас, евровизиската приказна следната година продолжува во Лисабон.

И.Ј.



Врати се горе ↑