Свет bs-p

25 септември, 2014

Историски рекорд за Барбра Страјсенд

Како што Ви пренесовме во август годинава, легендарната актерка и пејачка Барбра Страјсенд неодамна го објави својот триесет и четврти по ред студиски албум насловен „Partners“, на кој се најдоа 12 дуети со колеги како што се Били Џоел, Мајкл Бубле, Стиви Вондер, Андреа Бочели, Џон Леџенд, Бејбифејс, Џош Гробан, Џон Мејер, Лајонел Ричи, Блејк Шелтон и нејзиниот син Џејсон Гулд, како и постхумен дует со музичката икона Елвис Пресли.

 

Токму ова издание, кое беше објавено на 16 септември, дебитираше на првото место на Билбордовата албумска листа, со што Страјсенд стана првиот изведувач со број 1 албум во секоја од последните шест децении. Според податоците на агенцијата „Нилсен саундскен“, „Partners“ се продаде во 196 000 примероци само во првата недела, а првите 150 000 беа продадени само во еден ден.

 

Со десет број 1 албуми, 72-годишната пејачка го дели четвртото место со Елвис, а пред нив се наоѓаат Битлси со 19 број 1 албуми, Џеј Зи со 13 и Брус Спрингстин со 11, така што Страјсенд е и женски изведувач со најмногу број 1 албуми досега. Нејзиниот прв број 1 албум беше објавен пред 50 години; нејзиното четврто студиско издание „People“ се најде на врвот на оваа листа на 31 октомври 1964 година.



Врати се горе ↑