Концерт

9 август, 2018

Исмаил Лумановски и „Њујорк џипси ол-старс“ на 16 август во Битола

По пауза од три години откако ги воодушеви своите сограѓани во Центарот за култура, битолчанецот Исмаил Лумановски повторно се враќа во Битола со својот бенд „Њујорк џипси ол-старс“, а настапот во рамките на „Бит-фест“ е закажан за 16 август (четврток), во прекрасниот амбиент на античкиот театар Хераклеја.

За талентираниот виртуоз на кларинет ова е втор настап во родната Битола за годинава, откако во февруари настапи со колегите Игор Бакревски и Марија Вршкова, кога ја прими и специјалната награда „Ајри Демировски“, востановена во чест на авторот на антологиската „Битола мој роден крај“, која „Битолски весник“ веќе неколку години посмртно ја доделува во рамките на манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“.

BITOLA, Vo Heraklea ke nastapime so NY Gypsy All Stars. Specijalni gosti ke ni bidat Ljubojna. 16ti Avgust.

Gepostet von Ismail Lumanovski am Mittwoch, 8. August 2018

„Иако долги години сум надвор од Битола и главно мојата музичка кариера ја градам на сцените низ светот, а најчесто во САД, Турција, Индија, Дубаи, Италија, Египет… сепак секоја покана од Битола ме прави среќен… Секој аплауз ми е драг, но аплаузот на моите сограѓани ме чини најсреќен“, рече Лумановски во оваа пригода.

„Њујорк џипси ол-старс“ е бенд што постои веќе 15 години, а покрај Исмаил членуваат и Тамер Пинарбаси (канон), Панагиотис Андреу (бас) и Енгин Каан Гунајдин (тапани). На концертот во Битола специјални гости ќе им бидат колегите од групата „Љубојна“, а влезниците чинат 150 денари.



Врати се горе ↑