Македонија

24 декември, 2018

„Исцелител“ не влезе во трка за Оскар

Филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески, кој беше официјален македонски кандидат за Оскар, во категоријата за најдобар странски филм, не успеа да влезе во потесниот избор од 9 филмови, од кои пет ќе бидат официјално номинирани за престижната филмска награда.

„Драги пријатели, со скршено срце ви објавуваме дека ’Исцелител’ не влезе понатаму во трката за оскарите. Од вкупно 87 кандидати доцна синоќа беше објавена потесната селекција од 9 филмови меѓу кои за жал не бевме ние. Им честитаме на колегите кои влегоа во селекцијата и им стискаме палци да се најдат на конечната листа од 5 номинирани филмови. Дадовме сѐ од себе и добивме одлични коментари од членовите на амерканската филмска академија и се надеваме филмот ќе успее да продре до пошироката публика во САД“, соопшти екипата на филмот.

Номинациите за претстојното, 91. по ред доделување на академските филмски награди ќе бидат објавени на 22 јануари, а самата манифестација е закажана за 24 февруари. Во јануари ќе дознаеме и дали одлучиле да ја воведат контроверзната категорија за „извонредно достигнување во популарен филм, а сè уште не е познато дали церемонијата воопшто ќе има водител, откако Кевин Харт се откажа од оваа улога.



Врати се горе ↑