Македонија

20 септември, 2018

„Исцелител“ е македонски кандидат за Оскар

Филмот „Исцелител“, во режија на Ѓорче Ставрески, е македонски кандидат за академската филмска награда Оскар за најдобар филм од неанглиско подрачје.

Комисијата за избор на македонски кандидат за престижниот Оскар за најдобар филм од неанглиско подрачје при Друштвото на филмски работници на Македонија, во состав на Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ирена Ристиќ – актерка, Амернис Нокшиќи – актерка, Горан Трајковски – композитор, Игор Тошевски – ликовен уметник и сценограф, Даријан Пејовски – режисер и Наум Доксевски – кинематограф, донесе одлука филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески да биде национален кандидат на Македонија за оваа награда во 2019 година.

Одлуката е прифатена и одобрена од американската Академија за филмски науки и уметности. 

„Исцелител“ е филм за механичар од железничко депо, кој немајќи пари да купи лекови му дава на татко му колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак, меѓутоа е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите-душкала кои во него гледаат нова надеж, односно исцелител.

 

Во конкуренција за кандидатура беа и „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштрим Бектеши и „Здивот на ангелот“ на Јани Бојаџи.



Врати се горе ↑