Концерт

29 јули, 2019

Инва Мула, славниот глас од „Петтиот елемент“, утревечер во Охрид

Светски познатата оперска пејачка, сопранистката Инва Мула, која интернационалната слава ја доби со филмот „Петтиот елемент“ на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна“, ќе настапи утревечер (30 јули) во црквата Св. Софија заедно со Дешира Ахмети – сопран; Ѓорѓи Цуцковски- тенор; Генц Тукичи-пијано.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана, на кој и дипломира. За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички „потпис“, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид… Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло…

Во изминатите сезони таа настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи“ во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовна напивка“ во Марсеј и Микаела во „Кармен“. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург…

За нејзините уметнички достигнувања, во 2006 година доделено ѝ  е највисокото признание од Француската влада „Витез на уметноста“.

Извор: Вечер.прес



Врати се горе ↑