Македонија Vladimir Cetkar2

12 јули, 2014

Интервју со Четкар во престижниот „The Soul Survivor Magazine“

Најдобриот англиски печатен магазин за соул и фанк музика, „The Soul Survivors Magazine“ го интервјуираше Владимир Четкар по повод неговиот нов албум „Heavenly“. Другите две интервјуа  во магазинот се со легендарните Ди Оу-Џејс (The O’Jays), една од најголемите американски ар-ен-би и соул бендови на сите времиња, како и со еден од пионерите на хаус музиката, британскиот диџеј  Норман Џеј. Магазинот „The Soul Survivors Magazine“ кој излезе во печат оваа недела, со ова идание обележа 8 години постоење.

Во интервјуто Четкар раскажува за првите импресии и вљубувањето во џез музиката слушајќи ги плочите на ’Рт, Уинд енд Фајр, Џорџ Бенсон, легендарниот албум „Off The Wall“ на Мајкл Џексон и многу други, потоа за школувањето во престижниот Беркли, за соработката со Димитри фром Париз, како и за легендарните продуценти Том Мултон и Патрик Адамс, кои имале само пофални зборови за него.

„Во свет во којшто секој има можност да прави врева и да ја нарече музика, навистина е освежувачки да се знае дека сè уште има барем неколкумина кои навистина прават музика. Владимир, секогаш ставаш насмевка на моето лице. Едвај чекам да видам што ќе се случи кога светот ќе го дознае она што јас веќе го знам – дека си роден да правиш прекрасна музика и да нè однесеш на места каде што не сме биле до сега. Еден ден историјата ќе забележи дека еден постар човек бил инспириран од извонредниот талент на едно младо момче. Ти благодарам што ме потсети што е страст“, рекол за Четкар познатиот „диско Месија“ Патрик Адамс.

 

По подолг претстој во САД, Четкар неделава пристигна во Македонија, а веќе на 17 јули ќе настапи во култниот „Аквариус“ во родниот Охрид.



Врати се горе ↑