За Вас fao

23 септември, 2015

Институт за филм и Филмска академија Охрид

Од академската 2015/2016 година, во Охрид започнува со работа Институтот за филм – Филмска академија Охрид. Институтот за филм е јавна научна установа, која како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, нуди постдипломски програми на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција.

Филмска академија Охрид е резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ – престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.

Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, петтата најстара филмска школа во светот, која зад себе брои влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали, како македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.

Наставниот кадар на Институтот за филм – Филмска академија Охрид освен редовните, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага, што ќе им овозможи на идните студенти да учат директно од едни од најдобрите професори во областа.

Уписите за студирање на Институтот за филм – Филмска академија Охрид траат до 4 октомври, а пријавувањето се врши со пополнување на електронска пријава преку веб страната www.filmacademyohrid.com. По завршувањето на рокот за електронско пријавување, врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со кандидатите кои ќе се реализираат на 13 и 14 октомври, стручен тим на оваа високо образовна установа ќе изврши и соодветна селекција на идните студенти.

Со цел да им се овозможи на најдобрите кандидати, без разлика на финансиската состојба, да студираат на Институтот за филм, Министерството за образование и наука ќе додели дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии. За стипендија можат да аплицираат кандидати од Република Македонија и од странство.

За да се квалификуваат за стипендирање, кандидатите најпрво треба да го поминат селекциониот процес за упис на Институтот. А потоа, кандидатите чијашто пријава ќе биде прифатена од Институтот, целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање, како и формуларот за аплицирање, кои се објавени на специјализираниот портал за доделување стипендии – www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на министерството, најдоцна до 30ти октомври, 2015 година.

Академската година за избраните и стипендирани постдипломци ќе започне во месец ноември.

Сите подетални информации за Институтот за филм – Филмска академија Охрид, студиските програми, наставниот кадар и условите за студирање и стипендирање, можат да се обезбедат на веб страницата www.filmacademyohrid.com.



Врати се горе ↑