Балкан гз

18 март, 2017

Иницијатива за зачувување на „Гитаријадата“: Стоп за приватизација без законска основа

На популарниот фестивал за демо бендови од целиот регион, „Гитаријадата“ во Заечар, му се заканува губење на својата основна цел – промовирање на рок музиката, сметаат група почитувачи на култниот фестивал кој минатата година го прослави својот 50. роденден. Нивното писмо Ви го пренесуваме во целост.

„Почитувани, ние сме група почитувачи на ’Гитаријадата’ во Заечар, најистрајната манифестација во овој дел на светот кога станува збор за рок музиката. Целта на нашето неформално здружување и обраќање кон медиумите е спречување на уништувањето на ’Гитаријадата’, за која слободно може да се каже дека е една од ретките институции што ја сочувала својата изворна нишка – промовирање на рок музиката.

Имено, порталот ’Источне вести’ пред неколку дена ја објави информацијата за одлуката на градските власти во Заечар за организацијата на ’Гитаријадата’ во наредните пет години да му ја довери на новоформираното здружение ’Гитаријада фест’, без никаков конкурс-тендер на кој би се одбрала најдобрата понуда за манифестацијата, која минатата година го прослави своето јубилејно 50. издание. 

odluka1

Она што нè иницираше на некој начин да се здружиме и да ја известиме пошироката јавност за ова е фактот што споменатото здружение ’Гитаријада фест’ е основано пред само неколку месеци, а еден од застапниците е Ненад Патијаревиќ. Со едноставно пребарување на Гугл дојдовме до информација дека господин Ненад Патијаревиќ е менаџер на естрадниот уметник Жељко Васиќ, кој минатата година беше еден од главните луѓе во организацијата на јубилејното издание на ’Гитаријадата’, кое не се одржа во најдобро светло. Меѓу нас, кои ја покренавме оваа иницијатива, ги има и оние кои се сеќаваат на ’Гитаријадата’ од дамнешно време, па сметаме дека имаме доволно искуства да процениме дека последната ’Гитаријада’ во однос на неколкуте претходни беше со значително послаба организација, што влијаеше и на посетеноста на фестивалот. Токму за тоа и сме најзагижени, како господин Жељко Васиќ ќе го организира овој фестивал во иднина, ако тој и неговите соработници немаа капацитет за јубилејното издание да се одржи во светло кое бројот 50 го заслужува. 

Оставаме можност дека господин Васиќ и соработниците имаат најдобри намери, но бараме да претстават план, а од луѓето кои ја водат општина Заечар и рамошниот ресор за култура да распишат јавен конкурс на кој ќе може да се јават сите заинтересирани агенции, здруженија и организации, па да се избере најдобрата понуда во интерес на ’Гитаријадата’. 

Ние сме исконски љубители на рок културата, па со ова писмо и иницијатива замолуваме сè да се земе во предвид, да се направи најдобар план за понатамошната судбина на ’Гитаријадата’, бидејќи ’Гитаријадата’ во Заечар, со сите свои мани, претставува најголем фестивал во чиј фокус е рок музиката, музика која е во изумирање, па ако ја изгубиме ’Гитаријадата’ во нејзиниот изворен облик, ќе го изгубиме и последното најголемо јавно собиралиште на рокерите. Мислиме дека рокенролот сè уште е жив и сакаме ’Гитаријадата’ да ја зачува рок музиката, а не да се естрадизира!

За жал, меѓу нас нема правници, но вака аматерски проценуваме дека во оваа одлука на тамошните власти има нелогичности. Ве молиме да ја пренесете оваа вест во своите медиуми и да ни помогнете нашиот омилен фестивал да продолжи да живее во вистинскиот облик. Веста од која дознавме за сево ова ја најдовме овде.“

На „Гитаријадата“ во Заечар, во изминативе години се натпреваруваа и голем број македонски бендови,  а сигурни сме дека има голем број кои допрва би сакале да се пријават на овој фестивал, па се надеваме дека со пренесувањето на ова писмо и ние барем малку ќе придонесеме за негово зачувување.



Врати се горе ↑