Видео

16 мај, 2019

Индиски влијанија во вториот постхумен сингл од Авичи

Љубителите на музиката од покојниот шведски продуцент Авичи најдоа утеха во неговиот прв постхумен сингл „SOS“, со кој семејството на прерано починатиот Тим Берглинг го најави новиот албум насловен едноставно „TIM“, каде што се сместени материјали на кои музичарот работел до последниот здив. Во пресрет на објавувањето на ова издание закажано за 6 јуни, деновиве стигна и вториот сингл „Tough Love“, довршен од неговите редовни соработници Варгас и Лагола и проткаен со звуци од Северна Индија.

Можеби е чудно, но индиските влијанија совршено се вклопуваат во оваа песна, што беше и типично за Тим“, вели Винсент Понтаре, едната половина од Варгас и Лагола. „Тој беше мелодиски гениј“, додава тој.

 

„Ова треба да биде дует“, имал напишано Авичи во неговите белешки. „Најдобро би било ако го отпее вистинска љубовна двојка. Или двајца што соработувале толку долго за да можат да се сметаат како двојка“. И желбата му се оствари. Понтаре ја прашал својата сопруга, шведската поп-ѕвезда Агнес, дали би сакалa да запее во оваа песна и, секако, таа се согласила.

Освен постхумниот албум, в година ќе биде објавена и официјалната биографија за Авичи, а сите приходи од продажбата ќе бидат наменети за Фондацијата Тим Берглинг, која неговото семејство ја основаше со цел да им помогне на сите што имаат проблеми со менталното здравје.



Врати се горе ↑