Настани дф

15 јули, 2017

Импозантното отворање на „Д фестивал“ го преполни Дојран со најпозитивната атмосфера досега

„Д фестивал“ синоќа официјално ја започна новата фестивалска авантура во Дојран, која уште со својата прва фестивалска вечер потврди дека деновиве сме дел од најголемото и најмасовното издание на фестивалот досега и тоа исполнето со неверојатно позитивна енергија, како никогаш досега. Илјадници посетители на фестивалот пристигнаа и ги зазедоа своите камперски места во распродадениот фестивалски камп уште ден пред почетокот на фестивалот, а од тогаш нови фестивалџии постојано пристигнуваат. Сместувачкиот капацитет во Дојран е исто така исполнет до својот максимум и веќе неколку дена речиси да е невозможно да се најде слободно место.

Повеќе од 10.000 посетители на „Д фестивал“ веќе ја создаваат единствената фестивалска авантура во Македонија на која програмата вчера започна со првата панел-дискусија „Meet the Parents“ на која говрници беа организаторите на „Д фестивал“, а на нивната средба со посетителите се дискутираше за сите аспекти од организирањето на „Д фестивал“ и во најпријатно дружење беа споделени желбите и искуствата кога се вакви настани во прашање.

Музичката програма започна со првиот концерт во Црковната сцена (Church Stage), каде што „Амплидајн ефект“ и „Ведис“ создадоа магична концертна атмосфера, за потоа таа да продолжи со отворањето на сцената „Москито“ (Mosquito Stage) – најголемата бина во фестивалкиот камп која овој ден беше резервирана за фановите на најжестокиот гитарски звук претставен како „Ди екстрим“ (D-XTREME stage) во соработка со „Терорвојд промоушнс“ и експлозивните настапи на претставниците на метал-музиката „Синистер“, „Шок труперс“, „Трендкил“ и „Шел шок“.

Во меѓувреме, додека дел од првите кампери веќе го содзадоа својот дом за наредните три дена и ги пречекувавме оние кои допрва ги поставуваа своите шатори, посетителите во текот на целиот ден уживаа и во различните работилници, изложби и рекреативни зони.

Вечерта, очекувано сите посетители се упатија кон главната бина на „Д фестивал“, на која имавме чест во најдобрата атмосфера да уживаме во одличните концертни настапи на Рони Сајз, Кирил Џајковски, „С.А.Р.С.“, Да Џака Накот и „Фанк шуи“! Подиумот пред главната бина беше целосно исполнет со повеќе од 10.000 весели и еуфорични фестивалџии кои создадоа најпозитивна атмосфера за одбележување на почетокот на фестивалот и покрај дождот кој претходно во ноќта го зафати Дојран, но кој се чинеше немоќен да делува врз импресивното доживување туку само дополнително „налеа“ свежина кај прекрасно расположената публика.

Програмата на првиот фестивалски ден продолжи сѐ до утрото на бината „Лејк ауејк“ (LakeAwake), а нејзиното преземање оваа вечер од страна на екипата „Трап да ф*к ап“, беше отворање на оваа програма на најдобар можен начин, со полна ерупција кон 3 часот по полноќ.

И по едвај неколку часа по дочекот на ова утро на „Лејк ауејк“, програмата на „Д фестивал“ денеска веќе се одвива во полн ек со фестивалските предизвици кои ги носат случувањата во ПлоштАРТ зоната. Пред нас е саботната вечер на „Д фестивал“, која се очекува да биде и уште повозбудлива со пречекот на новите посетители кои пристигнуваат од сите делови од Македонија и секако ѕвездите на „Д фестивал“ кои ќе се претстават со своите настапи на петте фестивалски сцени: „Рудиментал диџеј“, „Куп Оскар оркестра“, „Теракафт“, диџеј Никифор, „Блек енд вајс соушл клаб“ на главната бина; „Локал блу“, „Суит рапскалионс“, „Плакнтонс“, „Дивизија“, „Контакт 59“ на сцената „Москито“; Самоил Радински, Дени Трајков, Дејан Декс, „Фирма“ на сцената „Лејк ауејк“; Александар Пешевски и Емилија Славковска на Црковната сцена.

Еднодневните билети за Д ФЕСТИВАЛ се продаваат во сите продажни места на МкТикетс и секако на двете билетарници на самиот настан (пред главната бина и пред фестивалскиот камп) по цена од 300 денари, која ќе важи за време на одржувањето на фестивалот.

Единствената фестивалска авантура кај нас е во полн ек, Дојран е преплавен со убавини, се гледаме на Д ФЕСТИВАЛ!

Распоред и саатници на МУЗИЧКА ПРОГРАМА

ПРОГРАМА ВО ПЛОШТАРТ зоната 

Програма за ИЗЛОЖБИ и уметнички активности

Програма за РЕКРЕАТИВНИ СОДРЖИНИ

Програма за ДЕБАТИ, РАБОТИЛНИЦИ и ГРАЃАНСКИ ЗДРУЖЕНИЈА

Програма за КИНО ПРОЕКЦИИ 

Програмата во ПлоштАРТ и Активниот саем на Д ФЕСТИВАЛ 2017 е реализирана со поддршка на Цивика мобилитас (Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ.)



Врати се горе ↑