Македонија esma-lozano

1 март, 2013

„Империја“ ќе претрпи измени во текстот и аранжманот

Во средата, 27-ми февруари на првата програма на МРТ беше премиерно претставена евровизиската песна „Империја“ во изведба на Есма Реџепова и Влатко Лозаноски Лозано, но веројатно поради бројните негативни коментари и забелешки за видео записот, за помалку од 24 часа истиот стана приватен на сервисот ЈуТјуб. Песната чии автори се Симеон Атанасов, Дејан Момироски и Борче Нечоски предизвика масовно незадоволство кај јавноста, за што сведочат огромниот број негативни коментари на социјалните мрежи и е еден од најкоментираните настани во изминативе два дена.

По повлекувањето на видео записот, се огласи и Македонската радио телевизија со тврдење дека таа нема ништо ниту со изработката на спотот, ниту со неговото повлекување од Јутјуб:

„Песната која Македонија ќе ја претставува на  Евросонг оваа година ќе претрпи измени и доработка во однос на текстот и аранжманот, одлучи денеска Македонската Радио Телевизија заедно со евровизиските претставници.

Оваа одлука дојде како резултат на јасно изнесените ставови и конструктивните сугестии од стручната јавност и од македонскиот аудиториум. Македонската Телевизија како јавен сервис на граѓаните на Македонија ја почитува желбата на мнозинството кои го кажаа својот став во однос на песната.  

Сакаме да напоменеме дека овие чекори се дел од регуларната и редовната процедура и дека ќе направиме сè да имаме впечатлив, квалитетен евровизиски проект.

Како носител на лиценцата за евровискиот проект, МРТ ги има сите права за корекции и за промена на комплетниот евровизиски пакет, сè до крајниот термин, 18-ти март оваа година, кога истиот треба да се предаде на ЕБУ.

Уште еднаш напоменуваме, дека МРТ и оваа година дозволи целосна слобода во креативниот пристап и реализација на видео записот на песната, но сметаме дека видео записот направен од Егизт Б Продукцијата не ги задоволува стандардите и критериумите за достојно претставување на Македонија пред евровизискиот аудиториум и се оградува од истиот. МРТ ниту го постирала, ниту го отстранила видео записот од интернет, туку изјавуваме дека целосно се оградуваме од истиот.

МРТ се  оградува од сите шпекулации и изнесени невистини во јавноста за инволвираноста на јавниот сервис во идејното решение и реалзција на видео записот и сериозно размислува за отпочнување на постапка за заштита на интерсите и интегритетот на јавниот радио дифузен сервис.

Овие чекори се иницирани за подобро претставување на Македонија пред светската музичка јавност.“ – стои во соопштението од МРТ.

Додека го очекуваме крајниот резултат, евровизиската песна е достапна на ЈуТјуб само во аудио верзија.

 

 

 



Врати се горе ↑