Свет

23 февруари, 2019

Имотот на Мајкл Џексон ја тужи „Ејч-Би-Оу“ за контроверзниот документарен филм

Имотот на Мајкл Џексон ја тужи американската телевизиска мрежа „Ејч-Би-Оу“ (HBO) за контроверзниот документарен филм „Напуштајќи ја Недојдија“ (Leaving Neverland), барајќи оштета од 100 милиони долари.

Имено, четиричасовниот документарен филм, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“, се фокусира на наводите за сексуална злоупотреба на Вејд Робсон и Џејмс Сејфчак, сега во своите триесетти години, кои тврдат дека биле жртви на музичарот во деведесеттите. Обвиненијата поднесени против Џексон непосредно по неговата смрт беа отфрлени во 2017, кога судијата пресуди дека имотот не може да биде одговорен за однесувањето на пејачот.

Wade Robson (L), director Dan Reed and James Safechuck (R)Вејд Робсон, режисерот Ден Рид и Џејмс Сејфчак (фотографија: Тејлор Џуел/Taylor Jewell)

Имотот на Џексон сега тврди дека емитувањето на документарецот го прекршува договорот што Џексон го потпишал со „Ејч-Би-Оу“ во 1992 година, во кој се наведува дека кога телевизијата го емитувала концертот во Букурешт од турнејата „Dangerous“, се согласила дека во иднина нема да емитува содржини што го омаловажуваат музичарот.

Со тужбата, која опфаќа 53 страници, се повикува „Ејч-Би-Оу“ да земе учество во јавен процес на арбитража (постигнување спогодба надвор од судот) и го опишува документарецот како „едностран маратон на непроверена пропаганда чија цел е бесрамно да експлоатира невин човек што не е во можност да се одбрани“.

Адвокатот на Имотот на Џексон, Хауард Вајцман изјавил дека „Ејч-Би-Оу можеше и требаше да се осигура дека документарецот соодветно наведува извори, дека ги проверил фактите и дека треба да има фер и балансирано претставување“. Во тужбата е именуван и претседателот на телевизиската мрежа, Ричард Плеплер, кој бил заменик-претседател за комуникации во 1992, наведувајќи дека тој „морал да знае или требало да знае“ за договорот.

Image result for leaving neverland

„Напуштајќи ја Недојдија“, насловен по озлогласениот ранч на Џексон, е во режија на Ден Рид. Тој претходно одговори на критиките велејќи дека е „четиричасовен документарен филм од искусен режисер на документарци со долгогодишно искуство во истражување и раскажување комплексни приказни, а ова е комплексна приказна“.

„Јас воопшто не го окарактеризирав Џексон во филмот, мислам дека ако го гледате ќе забележите дека е приказна за две семејства и Џексон е елемент од таа приказна. Не коментирам за него. Ова не е филм за Мајкл… Филмот е само сведоштво на сексуална злоупотреба, како се случува и како последиците се одразуваат во понатамошниот живот“.

Тој додаде и дека сфаќа зошто Имотот го брани Џексон. „Секој пат кога свири негова песна на радио, пари се влеваат на нивната сметка“.

Image result for leaving neverland

Најголемата контроверзија во врска со филмот е заради фактот што Робсон беше еден од клучните сведоци на судењето во 2005 година, кога застана во одбрана на Џексон, тврдејќи дека никогаш не искусил никаква злоупотреба од пејачот, а со сосема спротивна приказна излезе во 2013 и побара финансиска оштета од Имотот во вредност од 1,5 милијарди долари.

„Ејч-Би-Оу“ излезе со соопштение дека „и покрај бројните обиди да се потцени филмот, плановите остануваат непроменети“ и документарецот ќе се емитува во планираните термини на 3 и 4 март. „Тоа ќе им даде можност на сите да го погледнат филмот и сами да си донесат заклучок“.



Врати се горе ↑