28 октомври, 2015

Илија Михаиловиќ од „Х фактор“ го претстави своето првенче

Најмладиот учесник во втората сезона од регионалниот „Х фактор“, 17-годишниот Илија Михаиловиќ денеска премиерно го претстави својот прв сингл и видео запис за песната „Лако је“. Музичките критичари веќе ја најавуваат песната како хит на годината, а младиот Илија како претставник на иновативниот поп звук во регионот, пишува српски „Блиц“.

Слично како и актуелниот победник Амел Ќуриќ, за чија прва песна соработуваше со својот ментор од шоуто – Масимо Савиќ, така и Михаиловиќ ја продолжи соработката со својата менторка Александра Ковач, која заедно со својот партнер и соработник, Роман Горшек, се потпишува на првенчето на младиот пејач. Горшек се потпишува на продукцијата, а мастерингот го направи Том Којн, добитник на престижната награда Греми, кој работел на финалната обработка на звукот за многубројни светски ѕвезди како што се Адел, Сем Смит, Џастин Бибер…

Во видео записот, кој можете да го погледнете горе (или на овој линк), покрај Илија се појавува и Ана Лечиќ, која е ќерка на познатиот српски актер Бранислав Лечиќ.



Врати се горе ↑